Меѓу 9 349 патници, кои од странство пристигнале на атинскиот и солунскиот аеродром, во периодот од 15 до 21 јуни, биле регистрирани 21 позитивен случај на ковид-19, додека пак од граничниот премин со Бугарија имало пет лица заразени со коронавирусот, објави грчкиот весник „Елефтерос типос“, јави МИА од Атина.
За една седмица на двата аеродроми кои од минатиот понеделник се отворени за меѓународни летови слетале над 120 авиони, со околу 14 000 лица, а било спроведено тестирање на патниците од 93 летови – 67 во Атина, 27 во Солун и биле откриени позитивните случаи.
Заразените со ковид-19, според весникот, дошле од Париз, Амстердам, Доха, Рим, Брисел, Женева, Белград, Софија, Милано и Тирана.
При тестирање по случаен избор на граничниот премин Промахонас, за влез во Грција од Бугарија биле откриени пет позитивни случаи.
Од 1 јули во Грција ќе се отворат сите аеродроми во земјата, а туристите директно ќе пристигнуваат во туристичките дестинации.