Според последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија (ДИК), до вчеравечер за Силјановска-Давкова се потпишале 28 029 граѓани, а за кандидатурата на Пендаровски својот потпис го дале 21 852 лица
Кандидатите за шеф на државата на СДСМ, Стево Пендаровски, и на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, за еден ден, односно до вчеравечер до 20 часот успеале да соберат над 20 илјади граѓански потписи за поддршка на своите претседателски кандидатури, што е двојно повеќе од потребниот минимум од 10 илјади потписи.
Според последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија (ДИК), до вчеравечер за Силјановска-Давкова се потпишале 28 029 граѓани, а за кандидатурата на Пендаровски својот потпис го дале 21 852 лица.
Дека го обезбедиле неопходниот број на потписи и двајцата објавија уште вчера, посочувајќи дека процесот бил завршен за само неколку часа од стартот на собирањето на потписите.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски иницијативата за собирање граѓански потписи до ДИК ја достави во петокот, а кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ тоа го направи во саботата, кога се одржа и партиската конвенција на која таа и формално ја доби поддршката на партијата во трката за шеф на државата.
- Силјановска-Давкова тргнува по потписи за претседателската кандидатура, од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да ги собере за еден ден
- СДСМ на Конгрес ја официјализира поддршката за Стево Пендаровски
Покрај Пендаровски и Силјановска-Давкова, досега уште петмина кандидати успеаја да ги соберат потребните 10 илјади граѓански потписи и да си обезбедат место во трката за шеф на државата.
Прв тоа го стори кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, па Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, кандидатот на движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски од Граѓанската организација на Македонија (ГРОМ) и кандидатката на Левица, Билјана Ванковска.
На листата на кандидати кои сè уште собираат граѓански потписи има уште шестмина. Бројот на собрани потписи кај нив се движи од 0 до 1 596.