Проектот предвидува изградба на нова заедничка зграда за потребите на Граничната полиција, Царина и инспекциските служби на РС Македонија и Република Србија, како и реновирање на постојните објекти на „Табановце“
За две години, односно до крајот на 2027 година треба да биде готова изградбата на заедничкиот железнички премин меѓу земјава и Република Србија. За таа цел, денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу, потпишаа Договор за инвестициски грант од 2,4 милиони евра за проектот за изградба на заедничкиот железнички премин „Табановце“. Договорот е дел од инвестицискиот пакет од 7,6 милиони евра за изградба за железничкиот премин меѓу Македонија и Србија.

Со овој проект се очекува да се подобри комуникацијата со соседна Србија, но и со државите од Средна Европа. Треба да се подобри транспортот на стоки и превозот на луѓе.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, освен во патничкиот ќе има и систем со едно застанување во железничкиот сообраќај.
„Се надевам дека ова ќе биде вовед кон повторно воспоставување редовна патничка железничка линија меѓу Скопје и Белград, за што се потребни напори од двете страни. Сметаме дека еден од главните економски крвотоци на државата е токму Коридорот 10 што почнува на јужните пристаништа, како Пиреј кај Атина и на солунското пристаниште и продолжува до Централна Европа, па сè до Унгарија, Чешка и Словачка. Очекуваме да се забрза движењето на стока во двата правци и за увоз во Европа, но и за извоз од Европа. Ова ќе значи и нови работни места, зголемена економска активност и побрз транзит на патници низ нашата држава“,
рече Николоски.
Проектот предвидува изградба на нова заедничка зграда за потребите на Граничната полиција, Царина и инспекциските служби на РС Македонија и Република Србија, како и реновирање на постојните објекти на „Табановце“.
Шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу, рече дека овој проект е јасен доказ за континуираната поддршка на ЕБОР за напорите на земјата да ја подобри својата инфраструктура на железничкиот Коридор 10.
Евроамбасадорото Михалис Рокас, кој присуствуваше на потпишувањето на договорот, рече дека овој проект ќе биде придобивка за цела Европа.
„Имајќи предвид дека двете земји покажаа политичка волја и желба за регионална интеграција и поврзување во рамки на ЕУ, Европската комисија го почна овој проект во 2014 година со воспоставување на платформата за поврзување, а денеска обезбедивме и целосно финансирање. Сега, С Македонија ќе оствари придобивка од подобри капацитети преку создавање единствена железница и единствен граничен премин. Во пракса, ова ќе осигури намалување на времето за поминување и тоа ќе биде попривлечно и побезбедно. Сè додека земјата не стане членка на ЕУ, ние сме посветени границата да ја претвориме во можност за развој и за побрз премин кон единствениот пазар на ЕУ“,
кажа Рокас.
Проектот треба да се имплементира за две години, а оваа година се очекува да се избере изведувачот и да почне изградбата на заедничката железничка станица со придружните објекти.