Крв се дарува во Универзитетската болница за активно лекување и ургентна медицина „Пирогов“, на Воено-медицинската академија (ВМА) и Националниот центар за трансфузиона хематологија во Софија

Трет ден како во Софија се одвиваат крводарителски акции за потребите на повредените од ужасната трагедија што се случи во Кочани.
Над 500 бугарски граѓани дарувале крв, објавуваат бугарските медиуми и бугарскиот Црвен крст.
Крв се дарува во Универзитетската болница за активно лекување и ургентна медицина „Пирогов“, на Воено-медицинската академија (ВМА) и Националниот центар за трансфузиона хематологија во Софија.
На паркингот на болницата „Пирогов“ е поставен шатор каде што се упатуваат заинтересираните хумани граѓани кои сакаат да даруваат крв.
Во вторникот крв дарувале 381 лице, а во понеделник за само три часа над 120 луѓе. Крводарителската акција ќе продолжи до крајот на неделата. Во Бугарија во моментов се згрижени 15 пациенти од Македонија.
Во „Пирогов“ се лекуваат девет пациенти.
Директорот на болницата, Валентин Димитров, рече дека ги посетил пациентите и се сретнал со нивните роднини. Деветтиот пациент е всушност сестрата на еден од пациентите. Се работи за 15-годишно девојче со тешки исеченици на подлактицата.
„Изразувам голема благодарност до сите сочувствителни граѓани кои се одзваа во ‘Пирогов’ овие два дена на поканата за дарување крв. Јас лично можам само да им се поклонам и да им се заблагодарам на овие луѓе и имам верба во иднината“,
изјави Димитров.
Македонското МВР соопшти дека веќе се идентификувани сите жртви од пожарот во дискотеката. Вкупниот број повредени е 196 лица, од кои 20 се деца.
Крводарителски акции за настраданите во пожарот во Кочани се организираат и во Велико Трново во партнерство со бугарскиот Црвен крст, како и жителите на Благоевград и регионот.
Бугарија, инаку, беше меѓу првите соседни земји кои веднаш по ужасната трагедија и билансот на починати и повредени ги понуди своите болнички капацитети како и средствата на бугарското воздухопловство за транспорт на пациентите.