Посочи дека досега се распрашани голем број сведоци, можеби над триста, и дека се работи на собирање нови докази. Според него, ако јавните обвинители откријат нови моменти, истрагата ќе биде проширена
Истрагата што се води за трагичниот настан во Кочани треба да заврши за десетина дена, најави на денешната прес-конференција државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по што додаде дека одбраната ќе има можност за увид во доказите.

Обвинителниот акт, според Коцевски, се очекува да биде готов во средината на јуни.
„Засега толку можеме да кажеме. И вчера и денеска и претходните денови се распрашуваат сведоци, осомничени, се прибираат докази. Досега се распрашани голем број на сведоци, можеби над триста. Се надевам дека јавните обвинителите ќе ја завршат постапката предвидена со динамиката“,
рече тој.
Посочи дека сè уште се работи на собирање нови докази, и дека ако јавните обвинители откријат нови моменти, истрагата ќе биде проширена.
На почетокот на месецот, Коцевски рече дека нема никаква селективност во истрагата за трагедијата во Кочани, како и оти од моментот на почнување на истрагата немал никакви притисоци или евентуални закани за тоа како да се води постапката на Обвинителството.
Во пожарот во т.н. дискотеката во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
За трагедијата која ја потресе целата држава истрага се води против 68 физички и три правни лица.