Од кабинетот на Вучиќ по средбата соопштија дека разговарале за процесот на нормализирање на односите со Приштина, формирањето на Заедницата на српските општини и можностите за изнаоѓање компромисни и одржливи решенија во дијалогот што се води со посредство на Европската Унија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека имал „отворен и фер“ разговор со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и дека верува во подобрување на односите со САД.
„Отворен и фер разговор со американскиот претставник. Верувам во натамошно подобрување на односите меѓу Србија и САД“,
напиша Вучиќ на Инстаграм по средбата во Белград со Ескобар, заменик-помошникот државен секретар на САД.
Од кабинетот на Вучиќ по средбата соопштија дека разговарале за процесот на нормализирање на односите со Приштина, формирањето на Заедницата на српските општини и можностите за изнаоѓање компромисни и одржливи решенија во дијалогот што се води со посредство на Европската Унија.
Вучиќ ја „повторил непроменетата позиција“ на Србија во однос на зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот и решавањето на отворените прашања меѓу Белград и Приштина, со акцент на целосно спроведување на досега потпишаните договори и зачувување на државните и националните интереси.
Вучиќ в сабота во Охрид ќе се сретне со премиерот на Република Косово, Албин Курти, во рамки на дијалогот Косово–Србија, посредуван од Европската Унија. Курти и Вучиќ веќе го потврдиле нивното учество на оваа средба, јави косовската Радиотелевизија.
Косовската телевизија информира дека, според добиеното официјално известување од делегацијата на ЕУ во Приштина, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот претставник на Унијата за дијалогот Белград–Приштина и други прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, најпрво ќе остварат одвоени средби со Курти и со Вучиќ, а потоа ќе седнат на заедничка средба со нив. Се очекува тие да разговараат и да го потпишат спроведувањето на европскиот план за нормализирање на односите помеѓу двете земји.