Го избраа најлошото српско ѓубре, од дното на казанот, Рашиќ и Рада Трајковиќ – не постојат полоши, се дел од коментарите на српскиот претседател на именувањето на косовскиот Србин Ненад Рашиќ за министер во владата на Курти
Можете да го уништите претседателот на Србија, да организирате протести во Србија, да ме убиете. Но за мене Косово и Метохија е најголема српска светост, за мене Србија е светост. Подобро да ме нема отколку да ви ја предадам во раце, и нема да ви ја предадам во раце.
Ова е дел од драматичното обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ кој остро реагираше на именувањето на Ненад Рашиќ за министер во владата на косовскиот премиер Албин Курти, но и на тоа што од ЕУ немаше осуда на ваквиот чекор на Приштина.
Тој отворено ја нападна Унијата и порача дека Србија нема да учествува на Самитот на ЕУ и Западен Балкан закажан за 6 декември во Тирана. Меѓу пораките кои тој ги испрати до Брисел, но и до партнерите од Западен Балкан беше и:
„Никој од Србија нема да биде во Тирана, но вие одете убаво, патувајте со авиони, зборувајте и трескајте глупости, сите вие од Европа и Западен Балкан“.
Српскиот претседател порача дека може да обвинуваат дека Србија е виновна, но него тоа не го интересира и порача дека Србија нема никаква вина.
„Па да видиме што и како ќе правите. Кога следен пат ќе ѝ се обратите на Србија, водете смета за тоа што е усвоено во Брисел, водете сметка за граѓаните на Србија зашто тие не се деветта дупка во ничиј кавал и нема да дозволам да ги понижувате. Србија е своја на своето“,
рече Вучиќ.
Тој продолжи со навредите и острите тонови, па косовскиот премиер, како што претходно пренесовме, го нарече „терористичко ѓубре“.
„А, на терористичкото ѓубре да му порачам: Води сметка да не повредиш ниту еден Србин заедно со овие квислинзи што ги избра. Бидејќи Србите ќе знаат да ви одговараат. А вам од Европа, срам да ви е, и тоа е ситница од она што сакам да ви го кажам“,
рече Вучиќ.
Рашиќ, кој е лидер на Прогресивна демократска партија и е српската опозиција во Косово, во владата влезе заедно со Рада Трајковиќ која е именувана за советничка на премиерот. Вучиќ не штедеше зборови ниту за нив.
„Го избраа најлошото српско ѓубре, од дното на казанот, Рашиќ и Рада Трајковиќ – не постојат полоши, ја немаат довербата од никого во Србија, но ја имаат довербата од Албин Курти и западните агенции. Мислат дека со тоа ќе се уплашат. Нема проблем“,
рече Вучиќ.
Изборот на Рашиќ и Трајковиќ, кои нагласува Вучиќ дека не освоиле ниту еден отсто од гласовите, според него, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите од Косово и Метохија.
Остра реакција преку писмена изјава имаше и премиерката Ана Брнабиќ, која исто како и претседателот, го потврди бојкотот на Самитот на ЕУ и Западен Балкан.
„По ваквата срамна изјава на ЕУ – само уште една во низа, Србија веќе нема никаква потреба да учествува на самити за Западен Балкан. ЕУ или ќе ги почитува вредностите што ги пропагира или Србија веќе нема да има потреба да учествува во оваа фарса. Првпат Србија нема да присуствува на Самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 декември во Тирана“,
порача Брнабиќ.
Именувањето на Рашиќ за министер во косовската влада дојде откако оставка поднесе Горан Ракиќ од редовите на Српската листа која победи на изборите и која е поддржана од властите во Белград.