Српскиот претседател во говорот направи паралела алудирајќи на прашањето со независноста на Косово. Зборувајќи на оваа тема, тој порача дека е уверен оти може да се постигне договор кој ќе обезбеди долготраен мир затоа што Балканот нема да издржи уште еден конфликт. Како позитивен пример го спомена Отворен Балкан, за кој рече дека покрај економските придобивки за Србија, Северна Македонија и Албанија, оваа иницијатива носи и поширока димензија, пред сè, во спојувањето на различните култури и промоцијата на диверзитетот
Глобалните предизвици со кои се соочуваме се закануваат да ја променат од темел меѓународната безбедносна структура и да го загрозат воспоставениот меѓународен правен поредок. Ова сложено време бара многу мудрост и заедништво за да го сочуваме мирот, е една од пораките што ги испрати српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на главната дебата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.
Неизбежна тема на која се осврнуваат лидери во ОН е и војната во Украина, па таков беше и случајот со Вучиќ кој направи паралела со Србија од аспект на косовското прашање, прашувајќи која е разликата помеѓу двете земји кога е во прашање зачувувањето на територијалниот интегритет.
Србија, рече тој, го поддржува територијалниот интегритет на сите држави членки на ОН, вклучително и на Украина.
„Од многу говорници слушнавме дека зборуваат за агресијата и нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина, многу велат дека тоа е првиот судир на европска почва по Втората светска војна. Но, вистината е дека првпат во Европа беше нарушен територијалниот интегритет на друга земја, а таа е Србија која не изврши напад на никоја друга суверена земја. Бараме јасен одговор на прашањето кое веќе со години го поставувам на моите соговорници, лидери на многу други држави: Во што е разликата помеѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и на Србија, кој беше грубо нарушен, а многу од вас му даваат меѓународно признание и легитимитет? Никогаш од никого не сум добил рационален одговор на ова прашање“,
рече Вучиќ.
Тој потоа се осврна на бомбардирањето на НАТО во 1999 година велејќи дека тоа што по воениот судир бил потпишан договор со Алијансата чии одредби предвидуваат усвојување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се потврдува и гарантира делумен суверенитет и целосен територијален интегритет на Србија, не ги спречило земјите од Западот да ја признаат еднострано прогласената независност од Косово.
За оние држави кои не го признаваат Косово, пак, Вучиќ рече дека е посебно благодарен.
Србија, според неговиот говор, трпеливо и со добра волја работи да се најде компромис во врска со Косово и Метохија, под покровителство на ЕУ, но и во рамки на дијалогот Белград-Приштина.
„Тоа е тежок процес, тој трае повеќе од десет години, но ние не гледаме алтернатива. Подобро е со години да преговараш отколку еден ден да војуваше. Убеден сум дека ќе дојдеме до прифатливо решение засновано на компромис затоа што тоа е единствен начин да ја постигнеме нашата цел, а тоа е да се воспостави долготраен мир“,
рече Вучиќ.
Балканот, порача српскиот претседател, не може да поднесе уште еден судир. Народите на Балканот, според него, имаат капацитет да продолжат кон иднината со соживот и како пријатели и партнери кои имаат заедничка визија за членство во обединета Европа.
За тоа, според него, е потребно само да се разговара трезвено и прагматично за иднината, а не минатото. Како позитивен пример тука го спомена и Отворен Балкан.
„Многу дискутиравме и сами дојдовме до многубројни решенија кои веќе ги укинуваат бариерите кои постоеја помеѓу нас, а за тоа немаше ниту една рационална причина. Пред сè во економијата, трговијата и протокот на луѓе и капитал. Србија, Албанија и Северна Македонија веќе три години го спроведуваат проектот Отворен Балкан кој има јасна идеја – отворен регион за луѓе, стока, услуги, за капитал и компании, се со цел да имаме регион кој трајно ќе биде ослободен од тензиите, напнатоста и конфликтите“,
рече Вучиќ.
Како што рече, покрај заедничката корист за трите држави, иницијативата Отворен Балкан со себе носи и поширока димензија, пред сè, во спојувањето на различните култури и промоцијата на диверзитетот.