Српските власти решија да ги ги „чешлаат“ новинарите и цивилниот сектор. Управата за спречување перење пари при Министерството за финансии изготвила список на медиумски работници и невладини организации и го доставила до сите банки во Србија. Од нив се бара да им достават целосни податоци за сите трансакции што ги направиле во последните неколку години, јави „Newsmaxadriа“.
На тој список, со име, презиме и матичен број се наоѓаат 20 лица и 37 организации или здруженија.
Во барањето кое Управата им го упатила на банките, се нагласува дека овие податоци им требаат за да се утврди дали некоја од овие организации или поединци имаат врска со финансирање тероризам и ли со перење пари.
Се бара детален преглед на сиот промет на сметките, приливи, одливи, трансакции, податоци за овластени лица па дури и дали некој поседува сеф.
Според „Newsmaxadria“, впечатливо е што на овој список се наоѓаат имиња на поединци и организации кои отворено ја критикуваат власта на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Директорот на Центарот за истражувачко новинарство (ЦИНС), Бранко Чечен е едно од лицата на списокот. Тој смета дека со проверката на сметките, власта ги злоупотребува институциите за да се пресметува со своите критичари.
„Мене ќе ме проверуваат дали перам пари? Зарем е тоа нормално во земја во која цути криминал, земја во која министерот за финансии чија Управа ќе ја спроведува операцијата за проверка на новинарите, замислете, има 24 стана во Бугарија. И сега, мене ќе ме проверуваат. Мислам, ќе се скинат од смеење кога ќе видат каква е состојбата на мојата сметка“,
вели Чечен.
Директорот на „Newsmaxadria“, Слободан Георгиев, кој го откри случајот, оценува дека на овој начин власта ги третира новинарите како криминалци.
„Интересно е дека токму Управата за спречување пари има ист донатор како и БИРН, на пример. Тоа е Европската комисија. Затоа, јавно ќе поставам едно прашање. Дали тие самите ќе се испитуваат себеси? Не знам дали тие знаат дека доколку некогаш постоел макар и сомнеж, овие организации, како БИРН, но и други, никогаш не би добиле донации од ЕУ. Не знам дали да се смеем или да избегам од државата кога ќе видам ваква вест. Сè е спорно во тоа што го прават. Тој список им е доставен на банките на 13 јули. Мене со него ме запознаа чесни луѓе во таа институција кои разбираат за каква злоупотреба на системот станува збор. Задача на Управата е да истражува криминалци, а сега, со ова, сите нè ставаат во ист кош со нив“,
вели Георгиев.