„Ја искористив можноста да изразам желба за дополнително подобрување на нашите односи во сите сфери на општественото живеење. Изразив и надеж дека тој ќе ја посети Србија бидејќи токму во нашата земја поддршката за негово избор беше најголема во Европа“, вели српскиот претседател на Инстаграм
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчеравечер оствари телефонски разговор со новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, оценувајќи го за позитивен и продуктивен.
На својот инстраграм-профил, Вучиќ имаше видеообраќање до своите следачи, при што посочи дека разговорот со Трамп поминал во срдечна и значајна атмосфера.
„Верувам во посилно партнерство со САД под водство на претседателот Трамп“,
рече тој во видео обраќањето на Инстаграм.
Вучиќ рече и дека од разговорот може да се заклучи дека Трамп знае многу работи за Србија.
„Нема да ви се верува, но тој зборуваше дури и за спортските успеси на нашата земја“,
вели Вучиќ.
Српскиот претседател вели дека за време на разговорот изразил надеж дека Трамп ќе ја посети Србија.
„Ја искористив можноста да изразам желба за дополнително подобрување на нашите односи во сите сфери на општественото живеење. Изразив и надеж дека тој ќе ја посети Србија бидејќи токму во нашата земја поддршката за негово избор беше најголема во Европа“,
рече тој.
Трамп му се заблагодари на српскиот народ за поддршката, вели Вучиќ и додаде дека очекува во наредниот период да се разговара за натамошно подобрување на односите меѓу Србија и САД на сите полиња.
„Сигурен сум дека со поддршка на нашите пријатели, а под пријатели мислам на целото опкружување на претседателот Трамп, што вечерва беа со него за време на нашиот разговор, дека тие ќе можат да ја направат Америка голема, а ние ќе можеме да ја направиме Србија пристојна земја, која ќе може подобро да соработува со САД“,
вели српскиот претседател.
Во септември 2020 година, во присуство на Доналд Трамп, во Белата куќа, како тогашен американски претседател, Вучиќ го потпиша Договорот за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово, познат како вашингтонски договор, со тогашниот премиер на Косово, Авдула Хоти.
Трамп го оцени тој договор како свој успех.