За помалку од 24 часа, остриот речник и прозивките од типот дека на ЕУ треба да ѝ биде срам и дека тоа е ситница од она што сака да ѝ го каже на ЕУ, Вучиќ омекна во своите ставови и најавува дека Србија во наредниот период ќе одлучи дали ќе учествува на Самитот

Откако вчера настапи со остар речник бесен на Европската Унија и беше дециден дека Србија нема да учествува на Самитот на ЕУ и Западен Балкан закажан за 6 декември во Тирана, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска омекна во своите ставови.
По средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Белград, тој излезе со изјава дека сепак ќе размислат дали ќе учествуваат на настанот.
„Вархеји ме извести дека е многу важно Србија да биде застапувана во Тирана. Јас лично не сум сигурен дали тоа има смисла. Го почитувам мислењето на Вархеји, но и ставот на Ана Брбаниќ е дека треба да биде присутни во Тирана, и наредните денови ќе донесеме одлука“,
изјави Вучиќ иако вчера ставот на Брнабиќ не беше како што наведува тој, туку таа порача дека нема поента Србија да учествува на самитите на ЕУ и да биле дел од таа „фарса“.
За потсетување, вчера тој им порача „на сите од Европа и Западен Балкан да одат на Самитот, да трескаат глупости и да ја обвинуваат Србија“ и ја прозва ЕУ дека треба да ѝ биде срам и оти тоа е само ситница од она што сака да ѝ го каже.
Денеска, на заедничката прес-конференција со Вархеји, српскиот претседател рече и дека по еврокомесарот го запознал со српското видување на ситуацијата на Косово и Метохија, каде што вчера лидерот на Прогресивната демократска партија Ненад Рашиќ беше именувам за министер во владата на косовскиот премиер Албин Курти, а Рада Трајковиќ беше назначена за советничка во премиерскиот кабинет. Нивното именување дојде откако министерот од Српската листа, која е поддржана од власта во Белград, како и други функционери решија да ги напуштат косовските институции поради спорот со регистарските таблички.
„Укажав на сè што се случува од почетокот на годината и како се рушеше можноста за разговор со Приштина. Се му кажав, и за Курти и за Трајковиќ и за Рашиќ. Го мислев тоа. Дали требаше да користам бирократски или дипломатски речник?! Можев, но така никој не би не слушнал“,
рече Вучиќ.
За бојкотот што го најави српскиот претседател, па за помалку од 24 часа се предомислува, Вархеји на заедничката прес-конференција рече дека потребно е присуството на Србија. Еврокомесарот, пренесува РТС, нагласил дека е потребно да се одржи замавот што го зазеде процесот на проширување, дека лидерите на ЕУ првпат доаѓаат во регионот за тука да разговараат и затоа е потребно сите да се ангажираат за тој Самит, вклучително и Србија.
„Сега сме одговорни за исполнување на очекувањата и да го одржиме замавот бидејќи процесот на проширување е еден од трите главни приоритети на лидерите на ЕУ. Тоа е всушност и причината зошто го одржуваме самитот во Тирана, каде нашите лидери ќе дојдат за првпат, да разговараат со регионот во регионот. Потребно е сите да се ангажираат и потребна ни е и Србија да биде на масата, на неа да седи и лидерот на Србија“,
рече Вархеји.
Еврокомесарот се наоѓа во посета на Србија денеска за да го претстави финансискиот пакет помош за регионот кој чини 2,5 милијарди евра. Србија ќе добие 165 милиони евра буџетска помош.
Овој тим на помош претходно кај нас го презентираше претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, кој меѓу останатото опфаќа и 80 милиони евра буџетска инјекција за Северна Македонија.