„Односот на Северна Македонија не е фер затоа што ми се чини дека најмногу вложив во односите со браќата Македонци и тие секогаш ќе бидат наши браќа“, изјави српскиот претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е погоден од гласањето на Резолуцијата за Сребреница од Северна Македонија во Генералното собрание на Обединетите нации (ГС ОН) бидејќи, како што вели, „најмногу инвестирал“ во односите со нашата земја.
По враќањето од седницата на Генералното собрание на ОН каде што беше усвоена Резолуцијата за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и осуда на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, Вучиќ за ТВ Прва изјави дека, за разлика од гласањето на Црна Гора, потешко е погоден од ставот на Скопје, без разлика на приказните за претходната влада.

„Односот на Северна Македонија не е фер затоа што ми се чини дека најмногу вложив во односите со браќата Македонци и тие секогаш ќе бидат наши браќа. Се покажа дека Грција (која гласаше воздржано) има повеќе ‘рбет од Северна Македонија и тоа е така, го сакале ние тоа или не“,
изјави Вучиќ.
Гласањето на Црна Гора за резолуцијата го очекувал и потенцира дека Црна Гора никогаш нема да донесе резолуција за геноцидот во Јасеновац откако претставниците на Србите во таа земја најавија дека ќе предложат усвојување на таков документ до собранието на Црна Гора.
„Тие рекоа дека ќе ја усвојат таа резолуција мислејќи дека ќе купат два дена околу Сребреница и потоа сите ќе заборават на тоа. Тие не смеат да усвојат таква резолуција“,
рече Вучиќ на Тв Прва.
Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата со која 11 јули го прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година, кој ќе се слави секоја година, повикувајќи се на пресудите на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, и нагласува дека кривичната одговорност за геноцидот е индивидуализирана.
Генералното собрание на Обединетите нации со мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата за Сребреница. За резолуцијата гласаа 84 земји, против беа 19, а воздржани 68.