На свеченоста во Александруполи, Вучиќ посочи дека Србија треба да изгради системи за гасно поврзување со Бугарија, бидејќи така ќе може да прифаќа и прима големи количини гас, но и дека ќе треба да се направи нешто за да се поврзе Северна Македонија, додавајќи дека проектот за поврзување со земјава треба да биде финансиран од Европската Унија

Српскиот претседател Александар Вучиќ на денешната церемонија по повод отпочнување на изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи истакна дека изградбата на терминалот е голем и важен настан за целиот Балкан, а додаде и дека Србија треба гасно да се поврзе со Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој посочи дека Србија треба да изгради системи за гасно поврзување со Бугарија, бидејќи така ќе може да прифаќа и прима големи количини гас, но и дека ќе треба да се направи нешто за да се поврзе Северна Македонија.
Вучиќ посочи дека ѝ е благодарен на Европската Унија, бидејќи, како што истакна, кога станува збор за потребата да се изгради српскиот дел, најголемиот дел од проектот е финансиран од ЕУ, а додаде дека проектот за поврзување со Северна Македонија, исто така ќе биде финансиран од Унијата.
„Секогаш е лесно да се направи церемонија, но животите на нашите граѓани се клучни. Важно е да го подобриме животниот стандард на нашите граѓани и да ги надминеме сите предизвици со помош на ЕУ“,
изјави срспкиот претседател.
Вучиќ додаде дека бил меѓу ретките кои како и секогаш биле скептични за проектот, но оти сега кога гледа дека сè е подготвено, е презадоволен од тоа.
„Морам да кажам дека верувам дека можеме да направиме многу работи заедно. Сепак, гледам многу пречки на тој пат, а тоа не е само енергетско прашање, туку и храната, водата и многу други тешки предизвици кои ќе треба да ги решиме во иднина“,
појасни Вучиќ и изрази надеж дека ќе се најдат добри решенија и за европскиот и за српскиот народ.
На свечената церемонија во Александруполи покрај српскиот претседател Вучиќ, присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис, бугарскиот премиер Кирил Петков, како и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
На свеченоста, премиерот Ковачевски истакна оти ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката и е проект за долгорочна енергетска независност и за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време.