Српскиот претседател најави и видеоконференција со Заев и со Рама на 9 јуни, во рамки на „Малиот Шенген“
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека му е многу жал што ЕУ не им дала на Албанија и на Северна Македонија датум за почеток на преговори и дека тоа не е фер кон двете земји и нивните граѓани.
Тоа е нефер и кон Тирана и кон Скопје, како и кон граѓаните и луѓето што ги водат тие земји. Тие ќе имаат искрен пријател во Србија и ќе ја подобриме соработката со нив“,
рече Вучиќ, кој во оваа пригода објави дека на 29 јуни ќе има важна видеоконференција со премиерите на С Македонија Зоран Заев и на Албанија Еди Рама, во рамки на „Малиот Шенген“.
Тој додаде дека соработката со овие земји ќе расте и во рамките на регионалната иницијатива.
Верувам дека ќе донесеме конечни одлуки за заедничко дејствување против катастрофи и природни непогоди и дека заеднички ќе обезбедиме што побрз проток на стоки, капитал, луѓе и услуги, и преку фитосанитарни и ветеринарни инспекции на граничните премини и други модалитети.
Вучиќ рече дека системот на работни дозволи е од големо значење и дека оние што добиле дозвола на територијата на една земја ќе имаат дозвола за секоја од земјите, што е од голема важност за забрзување на протокот на луѓе во регионот и обезбедуваат сè повеќе работна сила за Србија.
„На граѓаните на Северна Македонија и Албанија им посакувам се најдобро и сигурен сум дека и тие, како нас, ќе го продолжат својот европски пат. Но ние добро ја разбравме пораката дека мора да градиме поблиски односи и да станеме посилни и да не очекуваме ништо од никого. Но ние веруваме во себе и ги туркаме нашите земји напред“,
нагласи Вучиќ.