Претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и дипломатските советници на лидерите на Франција, Германија и Италија пристигнаа во Белград по посетата на Приштина. Лајчак во Приштина изјави дека има план за продолжување на дијалогот и додаде дека не може да открие детали
„Големата петорка“ пристигна во Белград, а средбата со претседателот Александар Вучиќ започна околу 14 часот и 30 минути во Претседателството на Србија. Вучиќ претходно изјави дека денеска веројатно ќе биде еден од најтешките денови за него и за Србија бидејќи знае зошто доаѓаат претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и дипломатските советници на лидерите на Франција, Германија и Италија, објави РТС.РС.
„Не спијам навечер поради тоа, не знам дали би викал или би плачел од мака. Но, можам да ви кажам дека ќе бараме начин и ќе успееме да ја зачуваме Србија. И нема да ја дадеме на подарок никому, туку секогаш ќе му припаѓа на нашиот народ. Можам да ви ветам дека нема да се борам за да се спасам, но со целото мое срце ќе се борам да ја спасам државата, без разлика колку се моќни и силни. Ќе ги заштитам и Косово и Метохија и нашиот народ на Косово и Метохија“,
рече Вучиќ.
Претходно петорката беше во Приштина каде што Лајчак изјави дека настаните од 24 септември многу јасно нагласиле дека деескалацијата и нормализацијата сега се поитни од кога било.
„Секакви условувања или одложувања се неприфатливи и ние исто така очекуваме Косово и Србија целосно да ги исполнат своите обврски од дијалогот“,
рече Лајчак во Приштина.
Тој информираше дека имале длабока и значајна средба со косовскиот премиер Албин Курти и неговиот прв заменик за тоа како да се напредува во процесот на нормализирање на односите и да се постигне напредок во спроведувањето на договорите за нормализација.
„Внимателно ја слушавме презентацијата и ставот на премиерот Курти, како и неговата загриженост во врска со безбедносната ситуација на северот на Косово. Сакам да кажам дека терористичкиот напад врз косовската полиција од вооружени лица претставува јасна ескалација без преседан. Му изразивме сочувство на премиерот и најостро го осудуваме нападот на 24 септември. Многу јасно ставивме до знаење дека сите виновници мора да бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка од Србија и конкретни дејствија во овој поглед. Настаните од 24 септември не го негираат тоа, ниту го менуваат фактот дека Косово и Србија го прифатија договорот за патот кон нормализација на почетокот на оваа година“,
додаде тој.
Лајчак ја повтори обврската на Приштина да формира Заедница на српски општини.
„Како премиер на Косово, премиерот Албин Курти има обврска да постигне напредок во процесот на нормализација на односите доколку Косово сака да постигне напредок на патот кон ЕУ. Овде мора да ја нагласиме потребата од напредок во формирањето на Заедницата на општините со мнозинско српско население на Косово без дополнително одлагање, без тоа нема да има напредок на патот на Косово кон ЕУ“,
рече Лајчак.
Тој ја пофали подготвеноста на премиерот Курти наскоро да ги продолжи разговорите и додаде дека нема алтернатива за дијалогот.
„Дијалогот мора да продолжи, всушност тој е поважен од кога било затоа што ако нема дијалог може да има повторување на ескалацијата, а тоа не е она што го сакаме, а сигурен сум дека тоа не е она што го сакате вие. Затоа сме тука и затоа сакаме да продолжиме со процесот на нормализација и спроведување на договореното во Охрид“,
нагласи Лајчак.
Лајчак изјави дека има план за продолжување на дијалогот, додавајќи дека не може да открива детали.
„Ние секогаш имаме план, така што имаме план. Разговаравме за тоа со премиерот Курти и ќе разговараме за тоа со претседателот Вучиќ. Во моментов не можам да навлегувам во детали. Нема алтернатива за дијалогот бидејќи дијалогот носи нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и им го отвора патот кон ЕУ“,
рече Лајчак.
Поранешниот вицепремиер на Србија, Небојша Човиќ за РТС вели дека големата петорка денес не носи ништо ново во Белград и дека тоа е компромисно решение кое на некој начин би ја легализирало новата реалност.
На прашањето дали денес ќе има притисок врз Белград врз основа на принципот „земи или остави“, тој рече дека тоа лесно може да се случи со оглед на времето што го поминуваат во Белград, а претходно во Приштина.
„Тоа е забрзана посета според системот – спроведете го договореното во Брисел во февруари, односно во Охрид во март, а тоа значи дека Србија главно оди против своите национални и државни интереси во смисла на признавање на некаква независност на Косово“,
смета Човиќ.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, претходно изјави дека целта на посетата е конкретен напредок во имплементацијата на Договорот на патот кон нормализација и деескалација по последните настани.
Тој нагласи дека ЕУ, нејзините земји членки и САД силно ја поддржуваат нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и европската иднина на регионот.
Членовите на големата петорка на 20 јануари ја посетија Србија по повод следната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина, а тема на разговор беше француско-германскиот план, кој подоцна беше договорен во Охрид.