Српскиот претседател рече дека причината за основањето на Движењето е тоа што има работи со кои не е задоволен и зашто, како што рече, на Србија ѝ се потребни промени и нова енергија, а не враќање во минатото
Од собирот во Јагодина ги повика студентите на дијалог за да кажат кое од нивните барања, поради кои протестираат, не е исполнето
Српскиот претседател Aлександар Вучиќ вечерва од партиски собир во Јагодина најави формирање на „Движење за народот и државата“, кое на едно место треба да ги собере владејачките партии и нивните симпатизери.
На масовниот собир присуствуваа илјадници приврзаници на Српската напредна странка (СНС) и нивните коалициски партнери, кои дојдоа организирано со автобуси од целата земја.
„Сите сте добредојдени во Движењето – Движењето на големите промени“,
рече Вучиќ, додавајќи дека членството во Движењето ќе биде можно од 15 март.
Тој рече дека причината за основањето на Движењето е тоа што има работи со кои не е задоволен.
„Од локални моќници кои не се грижат за народот, до тоа што не можете да видите и слушнете многу министри, до тоа што многумина од нив бараат да добијат нешто за себе, а помалку се грижат за народот. Има незадоволство од објективни проблеми и јас го разбирам тоа. Вие, народе, тоа ќе го исчистите, а јас ќе ви помогнам. Ќе ја имате мојата целосна поддршка“,
изјави Вучиќ од собирот во Јагодина.
Порача оти на Србија ѝ се потребни промени и нова енергија, а не враќање во минатото.
Собирот на поддржувачи на власта во Јагодина се одржа додека паралелно продолжуваат масовните протести низ Србија, на повик на студентите кои ги блокираат факултетите.
Од вечерашниот собир во Јагодина српскиот претседател ги повика студентите на дијалог за да кажат кое од нивните барања, поради кои протестираат, не е исполнето.
„Ве молам дојдете и кажете кое од вашите барања не е исполнето. Сакаме да се вратите во студентските клупи. Сакате да учите. Сакаме да напредувате. Кажете ни кое барање не е исполнето. Еве, ние ќе ви го исполниме, само кажете ни кое од четирите што ги поставивте не е исполнето. Рековте дека нема нови“,
рече Вучиќ.