„Само што донесовме одлука да не ја одржиме парадата. Бајден може да ме повика мене или Брнабиќ, кого и да е, може да се јават Путин или Ердоган, нема да има промена во одлуката“, подвлече Вучиќ и додаде дека државата не е среќна со забраната за тој собир и посочи дека Србија сега има поважни проблеми, како Косово и состојбата со енергетиката
Според европратеничката Рајндке, од полички аспект „Европрајд“ треба да биде одржан, а на прашањето со какви последици би можела Србија да се соочи доколку не ја одржи Парадата, таа вели оти тоа би имало негативни последици за европската интеграција на земјата

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC
Српскиот претседател Александар Вучиќ е дециден дека годинешниот меѓународен „Европрајд“ во Белград нема да се одржи. Тој вели дека ќе се почитува одлуката на Владата на Србија за неодржување на парадата, нагласувајќи дека доколку некој настан е забранет, тој и ќе остане забранет.
Во изјава за српските медиуми Вучиќ изјави дека настанот нема да се одржи и дека одлуката нема да се менува.
„Само што донесовме одлука да не ја одржиме парадата. Бајден може да ме повика мене или Брнабиќ, кого и да е, може да се јават Путин или Ердоган, нема да има промена во одлуката“,
подвлече Вучиќ и додаде дека државата не е среќна со забраната за тој собир и посочи дека државата сега има поважни проблеми, како Косово и енергетиката.
Вучиќ им порача на организаторите на „Европрајд“, кои најавија дека ќе се соберат во договореното време и покрај одлуката на државата да го одложи настанот, дека ставот на државата е оти не постојат безбедносни услови и дека наместо да го разберат тоа и да изберат други начини да се борат за нивната права, тие се обидуваат да ја одржат манифестацијата по секоја цена.
„Нема да има тепачки и конфликти“,
посочи Вучиќ и додаде дека секој што сака насилство ќе биде приведен.
Во своето обраќање, Вучиќ рече дека одржувањето на парадата е проблем со кој ќе се соочува општеството во Србија во иднина, бидејќи секоја политичка опција има исклучителен став по тоа прашање.
Според српскиот претседател, тажно е ако некој што го поддржува одржувањето на овој настан мисли дека „Европрајд“ е подеднакво важен како проблемот со Косово.
Меѓународниот настан „Европрајд“ секоја година се оджрува во различен град, а оваа година требаше да се одржи во главниот град на Србија во текот на септември. Властите во Србија, сепак, се одлучија да го откажат овогодинешниот меѓународниот „Европрајд 2022“, посочувајќи дека нема безбедни услови за негово одржување.
Како одговор на ваквата одлука на државата, организаторите на „Европрајд“ изјавија дека настанот ќе се одржи и им порачаа на надлежните дека немаат право да откажуваат нешто што не го организираат, додавајќи оти забраната за одржување на настанот е противуставна.
Во меѓувреме, на 28 август на белградските улици протестираа неколку илјадници противници на „Европрајд“ и покрај изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека настанот ќе биде откажан или одложен.
Додека противниците на „Европрајд“ во неделата шетаа низ централните улици на Белград, во зградата на Владата се одржа средба меѓу старо-новата премиерка Ана Брнабиќ и две европратенички – Виола фон Крамон и Тери Рајндке, како и со еден на организаторите на манифестацијата, Горан Милетиќ.
Според европратеничката Рајндке, од полички аспект „Европрајд“ треба да биде одржан, а на прашањето со какви последици би можела Србија да се соочи доколку не ја одржи Парадата, таа вели оти тоа би имало негативни последици за европската интеграција на земјата, јавува Н1.
„Слободата на собирање е основно човеково право, кое е загарантирано со документ на Советот на Европа, а Србија е членка на тој совет. Овој настан сам по себе е само настан, но го носи правото на собирање како основно човеково право. Кога ќе ја погледнеме состојбата со демократијата во Србија, имаше одредени поместувања, но од друга страна, видовме и одредени компликации кога станува збор за основните човекови права, медиумските слободи. Мислам дека неодржувањето на Прајдот ќе има негативни последици“,
кажа таа.
Во таа насока, Рајндке додаде дека сите земји кандидати за ЕУ мора да исполнат важни услови.
„Сакам Србија да стане членка на ЕУ, граѓаните на Србија да ги уживаат сите слободи и права што ги уживаат граѓаните во ЕУ. Но, мора да се исполнат одредени услови. Ова важи за сите земји, вклучително и Србија. Процесот на европска интеграција на Србија трае со години, видовме одреден напредок, но и назадување“,
заклучи таа.