Владата го најави вториот ребаланс како неопходен за финансирање на четвртиот пакет антикризни економски мерки
Платите, пензиите, социјалните трансфери, субвенциите остануваат непроменети
Домашната економија годинава се очекува да забележи пад од 4,4 отсто од БДП, покажува најновата владина проекција.
Со ребалансот на буџетот, кој е втор годинава, се зголемува расходната страна за 4,2 отсто, односно државата планира да потроши рекордни 4,1 милијарди евра.

Приходната страна останува непроменета, односно ќе се соберат 3,1 милијарди евра од даноци и давачки. Министерството за финансии, од другите министерства и институции, успеа да скрати 44 милиони евра непотребни трошоци, иако првичните најави беа далеку повисоки.
„Во однос на капиталните инвестиции, имаме помалку 1,2 милијарда денари, а исто така се скратени речиси една милијарда од стоки и услуги. Тоа се мебел, возила во одредени институции, предвидени набавки за кои знаеме дека нема да се реализираат, потоа реконструкција на одредени помали зафати во објектите. Главно тоа е скратено“,
рече министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција.
Буџетскиот дефицит ќе достигне 8,4 отсто од БДП или ќе изнесува 920 милиони евра. Бесими тврди дека дефицитот ќе се покрие само од домашно задолжување преку депозитите што ги има државата и со издавање краткорочни државни хартии од вредност.
„За финансирање на дефицитот соодветно ќе се задолжиме на домашниот финансиски пазар. Тој износ ќе варира. Сега имаме калкулации дека ќе биде од 100 до 150 милиони евра. Зависно од тоа како ќе биде реализацијата на буџетот, така ќе биде и задолжувањето. Со тоа што задолжувањето ќе биде со краткорочни записи од шест месеци или до една година“,
рече Бесими.
Со овие интервенции јавниот долг на крајот на годината се проценува на 59,5 отсто од БДП.
Владата го најави вториот ребаланс како неопходен за финансирање на четвртиот пакет антикризни економски мерки. Бесими рече дека со новото прекројување на буџетот, платите, пензиите, социјалните трансфери, субвенциите остануваат непроменети.
Субвенции на плати, домашна картичка, лозари, туризам, угостителство…
Во новиот ребаланс се предвидени средства за мерката за субвенционирање плата на вработени во приватниот сектор со надоместок од 14 500 до 21 776 денари, во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата. Четири милијарди и 300 илјади денари или 70 милиони евра се за домашната платежна картичка за ранливи категории за плаќање на домашни производи и услуги кај погодените сектори.
Една милијарда и 600 илјади денари или 27 милиони евра се за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, додека 412 милиони денари или 6,7 милиони евра за поддршка на туристички водичи регистрирани како самостојни вршители на дејност. Со 9,8 милиони денари или 160 000 евра ќе се покрива туристичката такса за 2019 година за остварени ноќевања.
Два милиони евра ќе се вратат кај граѓаните преку викенд-шопинг со „Мој ДДВ“, при што за граѓаните кои се регистрирани на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе се врши поврат на целиот износ на ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30 000 денари.
Со ребалансот е предвидена и помош за туристички агенции, игротеките и рестораните за свадби.
Предлог-ребалансот денеска ќе биде доставен до Собранието.