Отсуството на Ахмети се случува во период кога Фондот беше на удар на хакерски напад и се соочува со враќање во нормала на ИТ-системот. Хакерскиот напад предизвика големи проблеми во дејствувањето на институцијата што ги остави здравствените работници без плата, а аптеките не можеа да ги услужат осигурениците со лекарства навреме
Вториот директор на Фондот за здравствено осигурување Фатон Ахмети преку објава на својот фејсбук-профил вечерва се обиде да ги објасни причините зошто не беше заедно со директорката на Фондот, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешниот брифинг со новинарите.

Ахмети вели дека не е на годишен одмор во Соединетите Американски Држави, туку дека таму престојува на покана на Стејт департментот на програмата ИВЛП, а патувањето било планирано пред неколку месеци.
Сепак, тој потврдува дека за патувањето користи годишен одмор, а не можноста за службено патување, но тоа, како што потенцира, било поради коректност кон институцијата во која е директор.
„Како последица на многубројните дезинформации и со цел правилно информирање на јавноста, принуден сум да објаснам едно прашање. Престојувам во САД, на покана на Стејт департментот на САД, на програмата IVLP. Патувањето е планирано пред неколку месеци. Не сум на годишен одмор во САД! За коректност кон институцијата во која дејствувам, го користам годишниот одмор, а не можноста за службено патување“,
вели вториот директор на Фондот.
Неговиот престој во САД, вели тој, е целосно финансиран од Стејт департментот и оти ниту еден денар не бил потрошен од државниот буџет.
Инаку, отсуството на Ахмети се случува во период кога Фондот беше на удар на хакерски напад и се соочува со враќање во нормала на ИТ-системот. Хакерскиот напад предизвика големи проблеми во дејствувањето на институцијата. Поради нападот, здравствените работници не ја добија јануарската плата, а аптеките не можеа да ги услужат осигурениците со лекарства навреме.
Ахмети во својата објава на Фејсбук вели дека во текот на целиот престој во САД бил во контакт со колегите од Фондот за здравствено осигурување.
Дека Ахмети е на одмор денеска кажа и директорката на Фондот, Филиповска-Грашкоска, но не сакаше да го коментира неговото отсуство и побара од новинарите лично да го прашаат зошто не го прекинал.
„Сметам дека би било непрофесионално и некоректно да коментирам во негово име. Колегата е на одмор од пред да се случи нападот, беше известен за ситуацијата и за денешниот брифинг, но, согласно решението, тој е сè уште на одмор“,
рече Филиповска-Грашкоска.
На брифингот не беше присутен ниту раководителот на ИТ-секторот, кој, како што беше соопштено, поради големиот стрес и притисок се разболел и е на боледување.
Денешниот брифинг на директорката на ФЗО помина без конкретни одговори во врска со хакерскиот напад. Таа посочи дека случајот е под истрага и дека кога таа ќе биде завршена, ќе бидат соопштени детали.