„Тоа значи дека 150 пати ќе ме гледате со лопата. Очекувам тука да бидат вклучени сите градоначалници. Тоа се проекти што се важни за граѓаните. Од тоа што имав можност да видам, се работи за големи проекти, за булевари, за канализациски системи, за водоводни системи, за градинки, за училишта“, рече премиерот
Ако биде сè според планот, веќе втора половина на јули ќе го имаме ребалансот на буџетот во парламентот, а некаде во првата половина на август ќе биде објавен повикот до општините да аплицираат со проектите, зашто е голема можноста шест милијарди денари да бидат распределени кон општините за проекти што се подготвени.

Ова вечерва во емисијата „Анализа“ на ТВ 24 го кажа премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали и него како одреден премиер во минатото ќе го гледаат постојано со лопатата во рака, посочувајќи дека, ако го реализираат тоа што го ветувааат, можеби и по неколку пати, како што рече, ќе го гледаат со лопата во раце или како пушта некој од проектите што е завршен.
Според него, со тие шест милијарди денари очекува најмалку 150 проекти да бидат исфинансирани, но, како што рече, можеби ќе бидат и 200 проекти.
„Тоа значи дека 150 пати ќе ме гледате со лопата. Очекувам тука да бидат вклучени сите градоначалници. Тоа се проекти што се важни за граѓаните. Од тоа што имав можност да видам, се работи за големи проекти, за булевари, за канализациски системи, за водоводни системи, за градинки, за училишта“,
вели Мицкоски.
Најави дека утре ќе биде промовиран голем проект, голема странска инвестиција во делот на енергетиката, од 400 до 450 милиони евра.
„Со тоа производство на електрична енергија од македонскиот ветер практично ќе добиеме енергетски баланс, односно онолку колку што произведуваме, толку и да трошиме. Без да имаме специјални закони во парламентот. Станува збор за 450 милиони евра инвестиција во енергетиката и нови дополнителни 100 милиони евра за македонскиот бруто-домашен производ“,
вели тој.
Во структурата на тој инвестициски фонд, како што рече, се Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Меѓународната финансиска корпорација, има германски и американски структурни фондови.
„Нешто што во овој дел на Европа не е видено, ќе се случи во Македонија, ваков тип на инвестиција. Зошто не обезбедиме убави финансиски средства за сами да го изградиме ‘Чебрен‘“,
рече Мицкоски.
Зад инвестицијата, според најавите, стои „Алказар енерџи“ – одржлив инфраструктурен фонд фокусиран на средни по големина проекти со обновлива енергија.
„Алказар енерџи“, според информациите објавени од самата организација, има седиште во Луксембург, со советодавен тим во Дубаи. Фондот, на чие чело е соосновачот Даниел Калдерон, се фокусира на проекти поврзани со обновлива енергија на пазари во развој во Европа и во Турција.