Пред два дена, сенаторката од Алјаска, Лиза Мурковски, стана првата од редовите на републиканците која побара оставка од претседателот
Втор сенатор од редовите на Републиканската партија повика на оставка од Доналд Трамп, по насилните демонстрации во Капитол хил кога поддржувачите на актуелниот претседател упаднаа во зградата на Конгресот.
Станува збор за сенаторот од Пенсилванија, Пет Томи, според кој Трамп треба да се повлече бидејќи „регрутирал илјадници Американци и ги поттикнал да го нападнат Конгресот“.
„Мислам дека најдобриот начин за нашата земја е претседателот да си даде оставка и да замине што е можно побрзо. Не е веројатно дека тоа ќе се случи, но тоа ќе биде најдобро“,
изјавил сенаторот за „Ен-би-си“.
Освен за немирите во Капитол хил, Туми во изјавата оценува дека целосното однесување на претседателот откако ги загуби изборите на 3 ноември 2020 било „лудило“.
Пред два дена, сенаторката од Алјаска, Лиза Мурковски, стана првата од редовите на републиканците која побара оставка од претседателот.
„Сакам да си даде оставка. Сакам да го видам надвор од ова. Тој предизвика доволно штета“,
рече сенаторката во интервју за „Енкориџ дејли нуз“.
Таа во интервјуто оцени дека Трамп сака да остане во Белата куќа само поради титулата и неговото его и оцени дека не е способен добро да си ја врши работата.
Иако не побара оставка, уште еден републиканец, кој и претходно го критикуваше Трамп, деновиве зборуваше на оваа тема. Сенаторот Бен Сасе од Небраска за „Си-би-си“, рече дека дефинитивно ќе го земе предвид и ќе го разгледа барањето за импичмент кое го иницираа демократите.
Мандатот на Трамп завршува на 20 јануари кога треба да биде инаугуриран новиот претседател од редовите на демократите Џо Бајден.