И покрај очекувањата за потенцијална средба на македонскиот и грчкиот премиер Христијан Мицкоски и Киријакос Мицотакис на маргините на самитот, таа е сè понеизвесна
Во Вашингтон денеска продолжува НАТО-самитот кој се одржува по повод 75-годишнината од формирањето на Алијансата. На вчерашното отворање на настанот се обрати американскиот претседател Џо Бајден кој, посакувајќи им добредојде на лидерите на земјите членки на Алијансата, порача оти Алијансата е посилна од кога било.
Во фокусот на годинашниот НАТО-самит се обезбедување сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстување на глобалните партнерства.
Генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, изрази очекување оти на самитот ќе се донесат важни одлуки за Алијансата, но и за натамошното зајакнување на помошта за Украина.
На настанот учествува и македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, а во состав на министрите за надворешни работи и надворешна трговија, одбрана и внатрешни работи – Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски и Панче Тошковски. Во Вашингтон е и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој во пресрет на отворањето на самитот учествуваше на Парламентарниот самит на НАТО.
И покрај очекувањата за потенцијална средба на македонскиот и грчкиот премиер Христијан Мицкоски и Киријакос Мицотакис на маргините на самитот, таа е сè понеизвесна. Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис пред два дена изјави дека не е предвидена, но е можна средба меѓу Мицкоски и Мицотакис.
Во рамки на посетата на Вашингтон, Мицотакис вчера учествуваше на јавна дебата со поранешниот амбасадор на САД во Грција, Даниел Спекхард, рече дека е сериозно загрижен што новата влада на Северна Македонија во внатрешната комуникација сè уште се нарекува Република Македонија. Членството на С Македонија во НАТО, порачал Мицотакис, е поради тоа што Атина го тргна ветото по потпишувањето на Договорот од Преспа.