Додека премиерот и партискиот лидер деновиве е на релација Брисел-Мадрид-Атина, меѓу неговите сопартијци расте неизвесноста околу новиот состав на ЦО на СДСМ, кој треба да се избере в недела. Сепак, најголема е неизвесноста околу заменик-претседателското место, што е прашање дали воопшто ќе се пополнува, по најавата за повлекување на Шекеринска
В недела, на 16 мај, СДСМ ќе одржи нов конгрес – 26. по ред од формирањето на партијата, а прв изборен на кој нема да се избира лидер на партијата, откако челната позиција на Зоран Заев беше потврдена на првите внатрепартиски избори во март годинава.
Делегатите на СДСМ овој пат треба да изберат само нови членови на Централниот одбор на партијата, за што се очекува Заев да достави до партиските органи предлог-листа од околу 120 кандидати што ќе се најдат на гласање, така што оние што ќе добијат најголема поддршка ќе станат дел од партиското раководство, со мандат до 2025 година. Според партискиот Статут, ЦО може да брои од 100 до 120 члена, од чии редови потоа се избираат Извршниот одбор и од два до четири потпретседатели на партијата. ЦО е највисокиот форум на СДСМ во период меѓу два конгреса.
Треба да се избере и нов состав на Надзорниот одбор на СДСМ, составен од девет члена (досега претседател беше Горан Сугаревски), а најголема е неизвесноста околу функцијата заменик-претседател на СДСМ, која досега единствено ја извршуваше Радмила Шекеринска која, пак, најави неодамна дека се повлекува и дека не е кандидат за функција на конгресот на 16 мај.
Соговорници од врвот на СДСМ тврдат за „360 степени“ дека Заев, кој моментно е надвор од земјава, во посета на Брисел, Мадрид, а потоа и на Атина, сѐ уште не ја донел или поточно не ја официјализира својата одлука околу заменик-претседателското место, за кое тој треба да достави предлог што потоа ќе го гласаат делегатите. Се очекува, по враќањето на Заев од Атина, в петок доцна навечер, поточно непосредно пред конгресот, тој да ја соопшти одлуката за тоа кој би бил и дали некој би бил наследник на Шекеринска на функцијата што премиерно беше воспоставена во СДСМ во 2013 година.
Според наши информации, отворена е и опцијата за укинување на оваа позиција, со оглед на тоа што, според толкувањата во партијата, таа, практично, беше воспоставена наменски, кога Заев и Шекеринска настапуваа како тандем на изборниот конгрес на СДСМ пред осум години, по повлекувањето на Бранко Црвенковски од партиското кормило. Како што се посочува, замислата тогаш беше заменик-претседателот да има речиси исти овластувања како и лидерот на партијата. Тој концепт, како што се наведува, сега ја губи смислата, откако изборот на партискиот лидер се префрли на непосредни избори, за што имаше и забелешки во јавноста, со оглед на тоа што изборот на другите функции остана во конгресот, така што се отвори простор за акумулација на моќ и на легитимитет кај една личност.
Сепак, укинувањето на позицијата заменик-претседател би значела и нови измени во Статутот на СДСМ, за што досега нема најави дека е предвидено да се гласа на конгресот што претстои, така што поверојатни се другите две опции: Заев да предложи нов кандидат за свој заменик или тоа место засега да се остави празно.
Од врвот на СДСМ тврдат и дека не е сѐ уште готова листата на кандидати за членови на Централниот одбор, која, исто така, би ја предложил Заев, врз основа на предлозите од општинските организации, иако во партискиот Статут не е предвидено најпрецизно дека кандидатурите ги составува партискиот лидер. Според најавите, и конечната предлог-листа би се подготвувала в сабота, откако Заев ќе се врати од Атина.
По завршувањето на конгресот, Заев треба да го избере новиот состав на Извршниот одбор, поточно најтесното раководство на партијата, во кое би влегле петнаесетина членови од новоизбраниот ЦО, плус новите потпретседател и секретари на партијата.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, изјави пред извесно време дека пред конгресот Заев ќе излезе со листа од 120 кандидати за членови на ЦО, кои, како што рече, се репрезент на новите политики на партијата. Потоа, како што рече, во партијата ќе биде отворена и постапката за избор на кандидати за градоначалници и за советници за локалните избори во октомври.
Според проценките, изборот на новата постава во врвот на СДСМ значајно ќе влијае и на изборот на кандидатите за градоначалници, во зависност од позициите што ќе ги заземат овој пат во раководството неколкуте струи во партијата.
Во обраќањето до членство во април, по повод 30-годишнината од формирањето на СДСМ, Заев најави дека промените ќе продолжат и на конгресот на 16 мај.