Според истакнатиот математичар и аналитичар Исак Бен-Израел, социјалното дистанцирање и затворањето на економиите ширум светот претставува докажана грешка во однос на неговите статистики
Истакнатиот израелски математичар, аналитичар и поранешен генерал Исак Бен-Израел тврди дека едноставна статистичка анализа покажува дека ширењето на ковид-19 се намалува по околу 40 дена и дека паѓа речиси на нула по 70 дена, без разлика каде напаѓа и независно од тоа какви мерки преземаат владите за спречување на вирусот.

Професорот, кој е шеф на програмата за студии за безбедност на универзитетот во Тел Авив и претседател на Националниот совет за истражување и развој, за израелскиот Канал 12 изјави дека истражувањето што го спровел со свој колега, анализирајќи го растот и падот на нови случаи во земји низ целиот свет, постојано покажува дека „постои одредена шема“ и „бројките зборуваат сами за себе“.

Тој рече дека социјалното дистанцирање и затворањето на економиите ширум светот претставува докажана грешка во однос на тие статистики. Во случајот со Израел, истакна тој, околу 140 луѓе обично умираат секој ден. Да се затвори голем дел од економијата поради вирус кој убива еден или два на ден е радикална грешка која непотребно го чини Израел 20 проценти од нејзиниот БДП.
Професорот Габи Барбаш, директор на болница и поранешен генерален директор на Министерството за здравство, во жестоката ТВ-дебата тврдеше дека Бен-Израел греши и дека бројот на починати би бил далеку поголем доколку Израел и другите земји не преземеа мерки за заштита, пренесуваат тамошните медиуми.

Но Бен-Израел рече дека бројките – особено од земји како Сингапур, Тајван и Шведска, кои не презеле вакви радикални мерки за да ги затворат своите економии – ги потврдуваат неговите аргументи.
Кога Барбаш го наведе Њујорк како очигледен доказ дека Бен-Израел греши, професорот истакна дека токму најновите показатели оттаму се во согласност со неговата статистика што укажува дека бројките се зголемуваат и потоа почнуваат да паѓаат по околу 40 дена.
Запрашан да го објасни феноменот, Бен-Израел вели дека нема објаснување и дека тоа е можеби поврзано со климата или вирусот има свој животен век. Тој рече дека политиката на затворање е „масовна хистерија“ и дека едноставно социјално дистанцирање би било доволно.