В.д. претседателот на Судот, Арслани, вели дека се потребни уште неколку дена да се напише образложението
Врховниот суд сè уште не ги испратил списите за предметот „Тенк“ до Кривичниот суд во Скопје, со кој се потврдува затворската казна за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и за останатите двајца осудени во овој случај за набавката на „мерцедесот“, Никола Груевски и Ѓоко Поповски.
Вршителот на должноста претседател на Врховниот суд, Фаик Арслани, за МИА изјави денеска дека сè уште се работи на предметот, затоа што е комплексен случај.
„Има повеќе вонредни правни лекови и треба поопширно образложение, затоа ни треба малку повеќе време. Да бидеме трпеливи неколку дена“,
вели Арслани за МИА.
Врховниот суд минатата недела ја потврди пресудата за набавката на блиндираниот „мерцедес“, според која Јанкулоска треба наскоро да замине на отслужување на казната. Одлуката на Врховен доаѓа една година и три месеци откако, по барање на Јанкулоска, највисокиот суд одлучи таа да не оди во затвор додека не се преиспита правосилната пресуда на Апелацискиот суд во Скопје.