Врховниот суд ќе ги разгледува жалбите на разрешените судии Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска на 17 февруари, дознава „360 степени“ од упатени извори.
И да се одржи седницата, одлучувањето на Советот за жалба ќе биде со задоцнување, ако се земат предвид одредбите во Законот за судскиот совет.
Според неофицијални извори на „360 степени“, една од причините за доцнењето е што Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска побарале присуство на седницата, но Врховен сега не може да го најде Вангеловски за уредно да му достави покана.
Рокови
Две години му беа потребни на Судскиот совет да обезбеди мнозинство за на 10 септември 2019 година да ги разреши судијата и претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и неговата колешка Рахилка Стојковска.

„Казната“ е за несовесно вршење на функцијата, затоа што овие судии го „ослободија“ бизнисменот Сеад Кочан од притвор и му овозможија да се брани од слобода, во момент кога тој беше во бегство. Третиот судија во кривичниот совет кој гласаше „за“ укинување на притворот на Сеад Кочан, Ристо Катавеновски, беше разрешен дури на 27 јануари годинава.
Вангеловски и Стојковска ги обжалија разрешувањата и, конечно, на почетокот на јануари Врховниот суд ги комплетираше жалбените совети кои треба да одлучат дали ќе ја потврдат одлуката за разрешување на Вангеловски и Стојковска или ќе им го продолжат работниот век во судот. Но, пројдоа 30 дена откако е формиран Советот за жалба, а одлука нема, иако Законот за судскиот совет во член 92 јасно пропишува:

„Советот за жалба најдоцна во рок од 30 дена од неговото формирање одлучува по жалбата на начин што може да го потврди или укине решението на Советот“,
пишува во член 92 од Законот за судскиот совет.
Официјално, од Врховен засега нема потврда на што се должи доцнењето. Но, упатени извори за „360 степени“ велат дека проблемот почнал откако судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска побарале да присуствуваат на Советите за жалби кои ќе одлучуваат за нивните случаи. Но, потоа, Врховниот суд имал проблем уредно да им достави покани на нивните колеги. Со судијката Рахилка Стојковска, дознава „360 степени“, решението било полесно бидејќи таа има свој правен застапник на кој судот може електронски да му прати покана. Но, експретседателот на судот Јово Вангеловски го откажал полномошното на адвокатот, па сега неговите колеги не можат уредно да му врачат поканата.
Така, во Врховен сега постои недоумица – до кога ќе чекаат поканата да го „најде“ Јово Вангеловски и ако тоа не се случи наскоро – дали да одлучат без негово присуство?
Различни совети, со многу исти членови
Според Законот за Судскиот совет, по одлука за разрешување на судија од Судскиот совет, засегнатиот делител на правдата има право на жалба до Врховниот суд кој, пак, формира Совет за жалба.
„Советот за жалба е составен од девет члена, од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, по еден судија од апелациските судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката“,
пишува во член 72 од Законот за Судскиот совет.
Во превод, за Вангеловски и за Стојковска тоа значи дека од девет члена на советот, кој носи одлука со мнозинство од гласови, дури пет се нивни колеги од Врховниот суд.
Петтемина врховни судии што ќе одлучуваат за жалбата на Јово Вангеловски по неговото разрешување од Судскиот совет се:
- Беса Адеми – претседателка на Совет за жалба;
- Африм Фидани – судија известител;
- Цветанка Периќ;
- Мирјана Радевска-Стефкова;
- Стојанче Рибарев.
За жалбата на судијката Рахилка Стојковска ќе одлучуваат нејзините колеги:
- Мирјана Радевска-Стефкова – претседателка на Совет за жалба;
- Шпенд Деваја – судија известител;
- Африм Фидани;
- Цветанка Периќ;
- Стојанче Рибарев.
Кои се врховните судии што ќе одлучуваат за нивните колеги?
Претседателката на Советот за жалбата на Јово Вангеловски, Беса Адеми, е врховна судијка веќе 10 години. Со 2009 како година на избор, заедно со судијката Мирјана Радевска-Стефкова, имаат најдолг стаж во Врховниот суд меѓу сите останати членови на жалбените совети.
Пред да дојде во Врховниот суд, судијката Беса Адеми судеше во скопска Апелација од 2004 година.

Таа конкурираше и за позицијата претседател на Врховниот суд кога во 2017 г., по вторпат, токму Јово Вангеловски ги доби гласовите во Судскиот совет. Нејзиното име и сега се споменува како сериозен кандидат за позицијата бидеј.ќи Врховен во моментов има в. д. претседател.
Мирјана Радевска-Стефкова, која е член на жалбениот совет за Јово Вангеловски и претседателка на жалбениот совет за Рахилка Стојковска, е избрана за судијка првпат во 1996 година. Како и Беса Адеми, станува врховна судијка во 2009 година, но за разлика од нејзината колешка, таа никогаш не била апелациски судија, туку прави скок во кариерата директно од скопскиот Основен граѓански суд.

Радевска-Стефкова е сопруга на дипломатот Сашо Стефков, кој во 2010 стана амбасадор во Грција, а претходно беше советник за европски прашања во кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски. Судијката е и член на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2020 година). За тоа место беше избрана од своите колеги во Врховен, како претставник од тој суд во телото.
Африм Фидани, како и Радевска-Стефкова, е член на двата жалбени совета, со таа разлика што во случајот на Јово Вангеловски е и известител.

Тој е врховен судија од 2017 година, по шест години стаж во скопскиот Апелациски суд. Фидани има еден голем „скок“ во кариерата, кога станува апелациски судија во 2011 година директно од адвокатура.
Слично како Фидани, и Цветанка Периќ ќе има право на глас во двата совета, оној за жалбата на Вангеловски и на Стојковска. Таа е членот со најкраток стаж во Врховниот суд, бидејќи беше избрана за врховна судијка во втората половина на 2019 година.

Дојде од скопска апелација каде што е избрана во 2011 година. Првпат е избрана за судијка во 2005 година и е една од ретките меѓу врховните судии кои делеле правда во сите три степени – Основен, Апелациски и Врховен суд.
Судијата Стојанче Рибарев е последниот член на жалбениот совет за разрешувањето на Јово Вангеловски. Како и судијката Периќ, тој е еден од ретките во судот со искуство во трите степени на судството.

Во Врховниот суд е од 2016 година, по 14 години поминати во штипска апелација. Првпат е избран за судија во 1996 година.
Неговото име беше експонирано во јавноста во 2017 година. Судскиот совет го назначи за в. д. претседател на Основниот суд Скопје 1, само три месеци пред СЈО да ги поднесе своите обвиненија. Рибарев издржа само шест месеци на позицијата од која самиот даде оставка. Непосредно пред таквиот чекор СЈО направи претрес во судот за употребата на АКМИС-системот и за делењето предмети на рака во времето на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.
Судија известител за жалбата на Рахилка Стојковска е судијата Шпенд Деваја.

Тој е еден од членовите на жалбените совети со најдолго искуство во Врховниот суд, но не и со најдолго судиско искуство. Беше избран за врховен судија во 2013 година директно од адвокатура. Сопруг е на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Зошто е важно кои судии се во советите за жалба?
Специфичното во жалбените совети за разрешување на врховен судија е што мнозинството од членовите на советот се секогаш самите врховни судии. Така, на пример, за Јово Вангеловски, четворица од петтемина врховни судии во советот дел од кариерата ја поминале со него како претседател на Судот. Оваа околност отвора прашања за непристраноста на конечната одлука, каква и да биде таа.
Според извори на „360 степени“, не треба да се очекува дека врховните судии во жалбените совети ќе бидат едногласни. Напротив, веќе можат да се насетат разлики во ставовите.
Во таква ситуација, најверојатно, пресудни за конечната одлука ќе бидат гласовите на четирите останати членови на жалбените совети кои доаѓаат од секој од четирите апелациски суда во земјата.
Нивната одлука ќе биде особено важна бидејќи, ако гласањето биде во полза на Вангеловски и Стојковска, прашање е дали Судскиот совет ќе има сила и аргументи по втор пат да ги разреши врховните судии.
„Советот за жалба може да го потврди или да го укине решението на Советот во случај на груба повреда на одредбите за постапката за одговорност на судија или претседател на суд… Доколку Советот за жалба го укине решението, (Судскиот н.з.) Советот ќе ја повтори постапката, задолжително почитувајќи ги напатствијата од Советот за жалба и ќе донесе одлука и истата јавно ќе ја објави на својата веб-страница“,
пишува во Законот за судскиот совет.