Во одлуката од Врховен се повикуваат и на праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур според која на секоја од странките треба да ѝ се даде разумна можност да го претстави својот случај
Врховниот суд ја укинал пресудата на скопска апелација со која Васил Јованов беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици поради процесен пропуст.

Имено, според образложението на највисокиот суд во државата, скопскиот Апелациски суд не ги известил Јованов и неговиот адвокат дека ќе се одржи седница на која ќе се разгледуваат жалбите на одбраната и Обвинителството на првостепената пресуда на Основниот кривичен суд за ова дело.
Со тоа, според Врховен, во постапката биле повредени начелото за еднаквост на оружјата и правото на правично судење.
„Второстепениот суд не ги известил обвинетиот и неговиот бранител за одржување на седницата, иако, такво барање било истакнато во жалбата изјавена од обвинетиот. По оценка на Врховниот суд, со ваквиот начин на постапување од страна на Апелацискиот суд, сторена е повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка, правото на еднаквост на оружјата и правото на правично судење“,
се вели во одлуката на Врховниот суд.
Во одлуката од Врховен се повикуваат и на праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, според која на секоја од странките треба да ѝ се даде разумна можност да го претстави својот случај.
„Според Европскиот суд за човекови права, кога апелациониот суд е повикан да испита дали казната на апликантот треба да се зголеми и кога жалбената постапка може да покрене прашања, вклучително и прашања како личноста и карактерот на апликантот, што ја прави таквата постапка од клучна важност за апликантот, бидејќи исходот може да биде од голема штета за него, второстепениот суд не може правилно да го испита случајот без директно да го сослуша жалителот и да стекне личен впечаток за него“,
се вели во образложението на Врховниот суд.
Инаку, скопска Апелација на 5 февруари годинава одлучуваше по жалбите на одбраната на Васил Јованов и на Обвинителството на првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која тој на крајот на јули беше осуден на мерка во воспитно-поправен дом за поседувањето и продажба на марихуана и кокаин. Поради ваквата пресуда, нему му беше укинат и одредениот притвор за ова кривично дело што предизвика жестоки реакции во јавноста, откако ја прегази само две повозрасната од него, Фросина Кулакова.
Младиот Јованов преку адвокат, поднел барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда со која му беше преиначена казната за делото поседување и продажба на дрога, што Советот за казниви дела го уважил и ја укинал пресудата на Апелацискиот суд, поради направената процесна грешка.
Сега предметот е повторно вратен на постапување во Апелација, кој е задолжен да одржи јавна седница на која ќе ги повика Јованов и неговиот адвокат.
Инаку, одлуката на Врховниот суд била донесена на 7 мај, три дена пред Јованов да седне на обвинителната клупа во Основниот кривичен суд, но овојпат за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова.
Тој на првото и единствено рочиште, како што се покажа на крајот, призна вина за случајот, по што Основниот кривичен суд Скопје вчера го осуди на затворска казна од 12 години.
Инаку, пресудата за претходното кривично дело за поседување марихуана и кокаин Основниот кривичен суд Скопје го зеде како отежнителна околност при донесувањето на пресудата и одмерувањето на висината на казната за предметот со сообраќајката.
Сега, покрај за предметот за поседување и продажба на дрога, Апелација се очекува да одлучува и за вчерашната пресуда за сообраќајката бидејќи одбраната најави жалба поради висината на казната.
Семејството на Фросина вчера со револт реагираше на пресудата, конкретно на висината на казната, бидејќи претходно бараа нему да му биде изречена максималната предвидена санкција од 20 години затвор.
Сестрата на Фросина, Росица Кулакова, во објава на социјалните мрежи го изрази незадоволството од пресудата на Кривичен и повика на нов протест за денеска во 17 часот пред Универзалната сала во Скопје.