Одлуката ја донел Советот за казниви дела при Врховниот суд една недела пред вчерашната пресуда со која младиот Јованов беше осуден на 12 години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин во Скопје
Врховниот суд ја укинал пресудата на скопска апелација со која Васил Јованов беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици.

Одлуката ја донел Советот за казниви дела при Врховниот суд една недела пред вчерашната пресуда со која младиот Јованов беше осуден на 12 години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин во Скопје.
Врховниот суд, како што се наведува во соопштението, на седница одржана на 7 мај го уважил барањето на Васил Јованов за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за поседување и продажба на дрога, што тој го поднел преку адвокат.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 7.5.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 5.2.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување“,
се наведува во соопштението на Врховен, објавено на веб-страницата на Судот.
Инаку, пресудата за ова кривично дело Основниот кривичен суд Скопје го зеде како отежнителна околност при донесувањето на пресудата и одмерувањето на висината на казната што вчера му ја изрече на Јованов за сообраќајката во која ја прегази Фросина Кулакова.
Сепак, за време на рочиштето вчера, воопшто не беше споменато дека пресудата за претходното кривично дело на Јованов е укината и вратена на повторно одлучување во второстепениот суд.
Сега, покрај за предметот за поседување и продажба на дрога, Апелација се очекува да одлучува и за вчерашната пресуда за сообраќајката бидејќи одбраната најави жалба поради висината на казната.
Инаку, скопска Апелација, како што е наведено и во соопштението на Врховен, на 5 февруари годинава одлучуваше по жалбите на одбраната на Васил Јованов и на Обвинителството на првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која тој на крајот на јули беше осуден на мерка во воспитно-поправен дом за поседувањето и продажба на марихуана и кокаин. Поради ваквата пресуда, нему му беше укинат и одредениот притвор за ова кривично дело што предизвика жестоки реакции во јавноста, откако ја прегази само две повозрасната од него, Фросина Кулакова.
Васил Јованов сега се наоѓа во притвор, кој му беше продолжен вчера, каде ќе остане сè до правосилноста на пресудата за сообраќајката.
Тој вчера беше осуден на 12 години затвор затоа што на крајот од јануари годинава, по дејство на алкохол, без возачка дозвола и со прекумерна брзина, поминувајќи на црвено ја прегази Кулакова на пешачки премин.

Пресудата уследи откако Јованов во петокот на рочиште призна вина за сообраќајката.
Семејството на Фросина вчера со револт реагираше на пресудата, конкретно на висината на казната, бидејќи претходно бараа нему да му биде изречена максималната предвидена санкција од 20 години затвор.
Сестрата на Фросина, Росица Кулакова, во објава на социјалните мрежи го изрази незадоволството од пресудата на Кривичен и повика на нов протест за денеска во 17 часот пред Универзалната сала во Скопје.