Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, променливото облачно време ќе се задржи и во текот на утрешниот ден, со врнежи од дожд на повеќе места, кои локално се очекува да бидат пообилни, со наврнати и до 15 литри на квадратен метар воден талог
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно и релативно топло со појава на магла по одделни котлини во претпладневните часови, а во текот на денот ќе има услови за повремени врнежи од дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Утринската температура се движи во интервал од еден до девет, а максималната дневна ќе достигне од 10 до 15 Целзиусови степени.
Во Скопје, според синоптичарите, исто така се очекува променливо облачно и релативно топло со појава на магла во делови од котлината и услови за слаб дожд. Се очекува да дува слаб ветер од југоисточен правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до 15 Целзиусови степени.
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, променливото облачно време ќе се задржи и во текот на утрешниот ден, со врнежи од дожд на повеќе места, кои локално се очекува да бидат пообилни, со наврнати и до 15 литри на квадратен метар воден талог. Во текот на ноќта кон понеделник на планините и на некои повисоки места, претежно во западните и северните делови од земјата, ќе има повремени врнежи од снег. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер и дневната температура ќе биде пониска. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.