После посетата на денешниот настан во Битола, додава Коњановски, очекувам премиерот Кирил Петков да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на Македонците кои живеат таму

Kога централната власт и националното законодавство дозволиле во Општина Битола да се регистрира и да функционира ваков културен клуб, тогаш време е нашите источни соседи да овозможат вистински реципроцитет и да покажат почитување на правата на Македонците во Бугарија, можности за нивно културно изразување и негување на македонската култура и историја, напиша на својот фејсбук-профил првиот човек на Општина Битола, Тони Коњановски, откако денеска во Битола се отвори клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“, а на чие отворање присуствуваше и бугарската делегација во состав на премиерот Петков, потпретседателката Јотова и шефицата на бугарската дипломатија Генчовска.
„Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на Бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“,
стои во фејсбук-објавата на битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
После посетата на денешниот настан во Битола, додава Коњановски, очекувам премиерот Кирил Петков, да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на македонците кои живеат таму.
„Тогаш кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи взаемно почитување и искрено пријателство“,
додава Коњановски во својата фејсбук-објава.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со потретседателката Илијана Јотова и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска денеска во Битола присуствуваа на отворањето на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“.
Дел од Битолчани посетата на бугарската делегација ја поздравија со протести и герила-акции.
„Гоце=Македонија“, „Кога ќе признаете дека има Македонци во Бугарија?“, „Фашисти пресоблечени во администратори“, гласеле дел од транспарентите кои жители на битолското село Кравари ги истакнале денеска по повод посетата на бугарска делегација во Битола, предводена од премиерот Кирил Петков.
Од Сојузот на борците од Битола, пак, обвинија дека со отворање на клубот „Ванчо Михајлов“, се рехабилитира фашистичката идеологија. Тие реагираа и што владата толерира промоција на културен центар, кој, според нив, директно и индиректно ја помага рехабилитацијата на фашизмот и антимакедонизмот.
Реакција на посетата на бугарската делегација во Битола имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека ако бугарскиот премиер Кирил Петков сака да даде пример за добрососедство, може по враќање во Софија да отвори македонски културен центар во Благоевград и Сандански.