Во врска со уставните измени, за кои Ахмети денеска рече дека тргнува во битка за ги спаси заедно со Преспанскиот и Договорот со Бугарија, од „Вреди“ велат, тие се еден од нивните главни приоритети, заедно со „бришење на срамната формулација 20% и промена на изборниот модел за шеф на државата“
Демократската унија за интеграција (ДУИ) да се однесува како одговорна опозиција и поради лични и теснопартиски интереси да не ги жртвува ЕУ-перспективите на Северна Македонија, e една од пораките на коалицијата „Вреди“ во реакцијата на денешната прес-конференцијата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Оттаму велат дека за новата влада на Република Северна Македонија преговараат и ќе ја сочинуваат победникот во македонскиот блок со победникот во албанскиот блок, а тоа е, како што посочуваат, коалицијата „Вреди“, која на изборите на 8 мај се потврди како носител на етничкиот легитимитет на гласачите Албанци.
„Старата корумпирана политичка конјунктура народот со глас ја замени со нова генерација на образовани, одговорни, отчетни, транспарентни и професионални политички претставници. Времето на политички шарлатанизам и таканаречени ‘големи идеи’ е изминато. Не е ништо страшно да се биде опозиција. Нека се реформира ДУИ и наместо со гласовите на други етнички заедници и изборни манипулации, нека се обиде да се легитимира помеѓу албанскиот народ со нови кадри!“,
велат од коалицијата „Вреди“, која е повеќе од извесно дека ќе биде партнер на ВМРО-ДПМНЕ во идната влада како политички претставник на Албанците во државава.
Во реакцијата тие адресираат и серија прашања до лидерот на ДУИ кои, како што велат, се клучната дилема која денес се поставува, а од кои првото е: Кој е вистинскиот Али Ахмети?
„Дали оној што говореше ‘не’ за Русија – ‘да’ за Европа, или овој што плаче што не е во коалиција со оние што ги обвини дека се антизападни? Дали ВЛЕН се вазалите или Ахмети, Груби и Османи се вазалите кога одлучија да не го поддржат Арбен Таравари за заеднички претседателски кандидат на албанскиот народ? Во чие име Ахмети одлучи спротивно на интересите на ЕУ и САД да го бојкотира вториот круг на претседателските избори? Дали за Ахмети интересите на Албанците се важни само кога ДУИ е власт? Зошто Ахмети заедно со Апасиев го бојкотираше изборот на Африм Гаши за претседател на Собрание со значително мнозинство од 76 пратеници?“,
прашуваат од „Вреди“.
Велат дека додека Ахмети не одговори на овие прашања, ќе остане впечатокот дека единственото за што се грижи е како да ги спаси своите своите корумпирани досегашни функционери од одговорност.
Во врска со уставните измени, за кои Ахмети денеска рече дека тргнува во битка за ги спаси заедно со Преспанскиот и Договорот со Бугарија, од „Вреди“ велат, тие се еден од нивните главни приоритети, заедно со „бришење на срамната формулација 20% и промена на изборниот модел за шеф на државата“.
„Имајќи во предвид дека ова се иницијативи за кои треба висок степен на консензус, ВЛЕН во процесите влегува со цел истите да се остварат, а не како досега, да служат само како восочни фигури со многу шминка а малку содржина. Изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието е добра основа промените да се случат со добра волја и искрен пристап да се прифати реалноста. Апелираме до ДУИ да се однесува како одговорна опозиција и заради лични и теснопартиски интереси да не ги жртвува ЕУ-перспективите на Северна Македонија“,
се вели во реакцијата на „Вреди“.
Претходно на прес-конференцијата на лидерот на ДУИ реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде што, меѓу другото, му порачаа на Ахмети да престане да се однесува како палаво дете кое плаче по играчката која не е негова, затоа што, како што додаваат од партијата, ВМРО-ДПМНЕ не е СДСМ ниту, пак, одењето на ДУИ во опозиција има некаква врска со односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците.
Инаку, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој беше опкружен со лидерите на другите партии од коалицијата „Европски фронт“, порача дека започнуваат битка за почитување на духот на Охридскиот договор.
„Драги пријатели, легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата, еднаквоста. Затоа, ние заедно ја започнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние што го имаат легитимитетот на заедниците“,
изјави тој.
Прес-конференцијата на лидерот на ДУИ доаѓа по вчерашната конститутивна седница на Собранието, која беше првиот настан на кој се исцртаа контурите на новото владејачко мнозинство кое ќе го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ. На седницата за нов претседател на Собранието беше избран Африм Гаши од „Вреди“, а за време на дискусијата и на чинот на гласањето пратениците на ДУИ не беа присутни во пленарната сала на законодавниот дом.