Синдикалните претставници во УЈП и во Царина не се откажуваат од своето барање – платите на вработените да се покачат за 30%, а не за 10% како што беше договорено вчера, бидејќи просечните плати во овие две институции според кажувањата на вработените се помали за 3 000 денари од сегашната просечна плата во земјата
Првиот човек на синдикалната организација „Солидарност“, Васо Недановски, за Алсат вели дека до петок истекува законскиот рок во кој посредникот треба да го достави предлогот до Министерството за труд и социјална политика, но доколку истиот предлог не биде прифатен од страна на вработените, тогаш вработените во УЈП ќе продолжат со протестот на работните места од следната недела.
Речиси идентичен став имаат и цариниците, но и вработените во судската администрација. Ниту тие не размислуваат за отстапување од барањата и нивните плати да се зголемат за 30%. Доколку ова барање не се оствари, протестите пред судовите во Скопје ќе продолжат, а постои и можност за радикализација, односно, од септември да се започне со протести во сите судови во С Македонија.
„Го поздравуваме вчерашниот договор, но нашето барање за итно зголемување од 30% е законско право што не може да се ускрати. Продолжуваме со ставот дека доколку не се исполнат овие барања, ќе бидеме подготвени за генерален штрајк“,
велат од Синдикатот на Царинската упраава.
Инаку вчера, синдикатите и Владата постигнаа договор за зголемувањето на платите и за методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Платите во јавниот сектор од 1 септември ќе бидат зголемени за 10 отсто, а вработените ќе добијат и К-15 во висина од 10 000 денари.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по средбата на Економско-социјалниот совет изјави дека е постигнат договор за потпишување на општиот колективен договор и за сите оние спорни прашања кои со месеци се разговараат со претставниците на синдикатите.
„Договоривме дека новата методологија за пресметка на плати за вработените во јавниот сектор која ќе се пресметува согласно просечната плата и коефициентите, ќе започне од март 2025 година. Со септемвриската плата во 2023 година ќе биде покачувањето од 10 проценти на платите во јавниот сектор, К-15 ќе се исплати до крајот на декември 2023 година во висина од 10 000 денари, а во општиот колективен договор ќе стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата во изминатата година“,
изјави Тренчевска по средбата.
За сето ова да се реализира, како што посочи министерот за финансии Фатмир Бесими, ќе се прави ребаланс на буџетот во септември, но колку пари ќе бидат потребни, не откри, а исто така не откри ни од кои ставки ќе се крати.
„Постигнато е системско и одржливо решение за пораст на платите за вработените во јавниот сектор. Предлогот, кој заеднички го утврдивме со претставници на синдикатите, ќе биде доставен до Економско-социјалниот совет, кој на седница, која ќе се одржи наредните денови, треба да се потврди. Тоа претставува системско решение кое обезбедува раст на платите на сите вработени во јавниот сектор од 10 проценти почнувајќи со платата за септември 2023 година“,
истакна Бесими.