Вработените во РТС обединети во неформалната група „Наш протест“ порачаа дека се залагаат објектите на радиодифузниот сервис да бидат одблокирани за РТС да може да работи професионално, објективно и во јавен интерес
Вработените во Радио-телевизија Србија (РТС), обединети во неформалната група „Наш протест“, утринава поднесоа петиција до српскиот парламент за објавување јавен повик за предлагање кандидати за нови членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).

Објавувањето на овој конкурс е барање и на студентите кои од 14 април ја блокираат зградата на јавниот сервис.
„Собравме повеќе од 23 500 потписи, од кои повеќето беа дадени директно на платото пред зградата на РТС, а дел и електронски. Барањето беше испратено до Парламентарниот комитет за култура и информации за да се упати повик, овој пат да се спроведе на законски начин и со тоа да се деблокираат влезовите во зградите на РТС“,
изјави новинарката Тамара Танкосиќ, во име на вработените во РТС обединети во групата „Наш протест“.
Како што додаде, работниците во оваа неформална група се залагаат објектите на РТС да бидат одблокирани за јавниот сервис да може да работи професионално, објективно и во јавен интерес.
Инаку, за денеска во 15 часот е закажана седницата на Комисијата за култура и информирање на српскиот парламент, на чиј дневен ред е отпочнување на нова процедура за избор на членови на Советот на РЕМ. Првата точка на дневниот ред е укинување на претходната постапка за предлагање кандидати за избор на членови на Советот на РЕМ од ноември 2024 година, а втората точка е покренување нова постапка за предлагање кандидати.
Барањето за одржување на седницата го поднесоа пратениците од опозицијата.
Студентите кои го блокираат српскиот јавен сервис најавија дека ќе ја прекинат блокадата и ќе се вратат на факултетите ако се распише нов конкурс за избор на членови на Советот на РЕМ.