Оттаму посочуваат дека Јованов, возејќи по булеварот „Партизански одреди“, кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улицата „29 Ноември“, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци

По целосно спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против против Васил Јованов, возачот кој смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова. Како што информираат од Обвинителството, Јованов се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
„Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот за кое е предвидена максимална затворска казна до 20 години. Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило ‘пежо 207’ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 км/ч што е речиси двојно поголема од дозволената“,
информираат од Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека Јованов, возејќи по булеварот „Партизански одреди“, кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улицата „29 Ноември“, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал, удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.
Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место.
„Во конкретниот случај постојат околности што го оправдуваат стравот на опасност од бегство и основан страв дека ќе го повтори кривичното дело. Дополнително, имајќи ја предвид возраста на обвинетиот, објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител процени дека се уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од Судот побара притворската мерка да биде продолжена“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.