Според мерењето на квалитетот на воздухот пред осум часот утринава, главен загадувач во Скопје во моментов се ПМ 2,5 честичките, чија концентрација во моментов е 11,8 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО)
Скопје утринава повторно се најде на листата на светски градови со најзагаден воздух, но овој пат на 16. место со индекс на загаденост 153. Сепак, тоа не ја прави ситуацијата помалку загрижувачка, зашто според платформата iqair, степенот на загаденост на воздухот е сè уште опасен по здравјето.
Според мерењето на квалитетот на воздухот пред осум часот утринава, главен загадувач во Скопје во моментов се ПМ 2,5 честичките, чија концентрација во моментов е 11,8 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Во моментов, според iqair, во главниот град има концентрација од 59 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички.
Поради зголемено загадување на воздухот, од саботата стапија во сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од вчера и во Гостивар. Одлуката ја донесе Владата по информации добиени од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) откако на мерните места во овие градови во текот на два последователни дена беше надмината вредноста на ПМ 10 честичките од 150 микрограми на метар кубен.
Согласно владината одлука, МЖСПП во соработка со Министерството за здравство им препорачува на сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лица на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.