Ова е втора одлука во 24 часа која се однесува на ангажманот на војската на овие две граници кои се сметаат како клучни точки во однос на транзитирањето на мигрантите
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска за време на посетата на Дојран изјави дека на овој дел од границата нема никакви проблеми
Претседателот на државата и врховен командант Стево Пендаровски денеска донесе одлука за враќање на Армијата на јужната и на северната граница која заедно со граничната полиција ќе го врши обезбедувањето.
Ова е втора одлука во 24 часа која се однесува на ангажманот на војската на овие две граници кои се сметаат како клучни точки во однос на транзитирањето на мигрантите.
Вчера, поради истекувањето на важноста на претходната одлука за прогласување кризна состојба на овие две граници, а Собранието во меѓувреме не ја продолжи, претседателот нареди да се повлече војската бидејќи нема законска оправданост нејзиниот ангажман таму.
Но, вчеравечер Владата на седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба на дел од територијата на државата во траење од најмногу 30 дена заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на нашата држава и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на пандемија на ковид-19, па му предложи на претседателот на државата повторно да ја врати Армијата на овие две точки.
На јужната граница е мирно
Безбедносната состојба на границата кон Грција и граничниот премин Дојран е мирна и стабилна. Состојбата е под контрола и нема некој посериозен предизвик ниту со миграцијата, ниту со загрозувањето на безбедноста на нашата државата, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета на реконструираниот објект на Полициското одделение Дојран.

Во однос на илегалната миграција, Спасовски посочи дека според оценките од колегите од ЕУ, нашата држава не е атрактивна рута за поминување на мигранти.
Со доаѓање на потопло време и во текот на пролета, посочи Спасовски, секоја година имаме зголемување на напливот на мигранти, но засега тоа е многу мало зголемување, бидејќи поради ковид-мерките отежнато е нивното движење.
Но, тој истакна дека на подрачјето на Стар Дојран има многу мал обид за илегално преминување на мигранти, затоа што настојуваат да го одбегнуваат овој предел порад лошиот терен.
Одлуката блокирана во Собранието
Кризната состојба на јужната и на северната граница трае веќе неколку години и постојано се продолжува за да може да биде ангажирана и Армијата, а ново продолжување требаше да изгласа Собранието, но тоа не се случи поради блокадата.
Предлог-одлуката за кризната состојба е една од точките што со амандмани ги блокира коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива во парламентот, која условува со носење на законот за државјанство.