Продолжува „битката“ за Водно да се спаси од бетонизација. Група жители, преку адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, континуирано доставуваат докази до Општина Центар за пропусти во проектната документација на фирмата „Маркеза“, со кои бараат градоначалникот Герасимовски да ја поништи градежната дозвола. Најново е тврдењето на водњанци дека фирмата приложила фиктивен елаборат
Од Општина Центар велат дека ќе направат детална проверка на документацијата и доставените барања пред да ги соопштаат следните чекори. Општината на почетокот на годинава побара Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши вонреден инспекциски надзор на целиот ДУП Ј07. Инспекторатот се прогласил за ненадлежен

Жители на Водно со нов допис до Општина Центар го дополнуваат барањето за поништување на градежната дозвола за објект што треба да никне веднаш над нивните куќи на потегот Големо Курило. Се работи за правосилна дозвола што на фирмата „Маркеза“ ѝ ја потпиша екс градоначалникот Саша Богдановиќ, водејќи се од Деталниот урбанистички план Ј07, донесен во 2014 г. со спорно мнозинство и со низа контрадикторности.
Во низата аргументи, водњанци сега се обидуваат да докажат дека фирмата приложила фиктивен елаборат, како една од основите според кои Герасимовски може да ја поништи градежната дозвола.
„Овој елаборат е неверодостоен, бидејќи бунарите се копани на локација на ул. ‘Петар Драпшин’ 19 во Скопје, а не на локација на градежната парцела – новопроектирана улица 5 согласно ДУП, која не постои на лице место или ‘Питу Гули’ на која инвеститорот нема пристап. Не може да биде улицата ‘Петар Драпшин’, бидејќи таа се наоѓа во Општина Кисела Вода и до неодамна се водела како седиште на нарачателот односно инвеститорот, согласно регистрираните податоци од Управата за јавни приходи. При повторна проверка на денот на поднесување на ова дополнување е констатирано дека инвеститорот го сменил седиштето и тоа повеќе не се води на ул. ‘Петар Драпшин’ 19“,
пишува во новиот допис на водњанци до Герасимовски.
Тие бараат независни стручни лица да ја утврдат веродостојноста на елаборатот за да може со сигурност да се утврди дека не е извршена манипулација со доставување на фиктивни документи во постапката за издавање на одобрение за градење.
„На лице место не постојат траги од какво било копање. Дополнително, соседите кои живеат на околните парцели се толку блиску до наводните бунари што, доколку навистина се копале три бунари длабоки 12 метри, сигурно ќе ги забележеле работниците, а тие одговорно тврдат дека такво нешто не е забележано“,
се наведува во дописот до Општината, со кој водњанци тврдат дека е прекршен Законот за градење.

Претходно, во првичното барање до Општината, тие наведоа повеќе аргументи за поништување на градежната дозвола, меѓу кои и дека е пробиена максималната катност, дека нема пристапен пат, како и дека на ридот би можело да никне објакет со капацитет од 20 станбени единици.
Се обративме до Општина Центар со прашањата дали ќе ја проверат проектната документација на фирмата „Маркеза“, а воедно и како ќе се произнесат по барањето на водњанци да се поништи градежната дозвола.
„Дополнителното барање од жителите на Водно е пристигнато во Општина Центар, во моментов се наоѓа во постапка и службите работат на истото. Откако ќе се направи детална проверка на целокупната документација и доставените барања, ќе ги знаеме следните чекори кои ќе се преземат“,
одговорија оттаму.
Сопственик на фирмата „Маркеза“ е извесен Филип Костиќ. Таа, според Истражувачката репортерска лабораторија, има деловни односи со фирмата БИСИ ДООЕЛ, инаку во сопственост на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски – Фреди. Георгиевски во разговор со ИРЛ демантирал секаква поврзаност со градбата на Водно.
Од „Маркеза“ досега единствено се имаат обратено преку соопштение, во кое повторуваат дека имаат важечка дозвола за градба и ја потсетуваат Општината дека е должна да им направи пристапен пат. „Маркеза“ тврди дека ќе гради семејна куќа, а ги обвини жителите дека, всушност, тие незаконски доградувале и узурпирале државно земјиштее – теза што жителите ја демантираат.
„Маркеза Дооел Скопје е сопственик на градежна парцела на која ќе се гради семејна куќа за домување со намена А0 и се придружува кон апелот до Општината дека сите градби на Водно треба да имаат исклучиво намена А0, а во никој случај да не се дозволи градење на згради, големи објекти, хотели или какви било објекти со намена А1… Апелираме до Општина Центар итно да ги исполни своите обврски кон граѓаните кои уредно плаќаат комуналии и постапуваат согласно закон, па согласно своите надлежности да пристапи кон уредување
пишува, меѓу другото, во соопштението на „Маркеза“.
на градежното земјиште заради овозможување на пристап до нашата градежна парцела“,

А, водњанци во континуитет рeагираат на секој шум над нивните куќи. Тие алармираа и кога во очи Нова година на ридот ечеа пили и се сечеше зеленило.
Истиот период, Општина Центар по одлука на Советот, побара Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши вонреден инспекциски надзор на целиот ДУП Ј07.
Од Општина Центар за „360 степени“ велат дека Инспекторатот се прогласил за ненадлежен.