Факт е дека отворивме една сериозна битка која придонесе најголемиот дел од тие криминални групи да бидат зад решетки, без разлика за какви кривични дела се таму. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Радио Слободна Европа

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интевју за Радио Слободна Европа вели дека конечно има разврска за пресметките кои во минатиот период се случија во Скопје. Потенцира дека треба да се има предвид дека тие банди и криминални групи се градени 30 години.
„Се отвори конечно еден широк фронт на борба од страна на МВР против овие структури и за тоа постојат конкретни факти и докази и арументи. Ако ги погледнете криминалните структури, борбата со трговијата со дрога, борбата со трговијата на оружје, кои се лицата коишто се уапсени, кои се тие коишто се наоѓаат на издржување на казни затвор, тоа се структури кои потекнуваат од тие криминални структури коишто биле во Скопје или државата“,
потенцира Спасовски.
Криминалците се криминалци, рече министерот посочувајќи дека не постојат тешки и лесни кривични дела и дека нема мали и големи криминалци.
„Во водењето на истрагите за кривичните дела, обезбедувањето на доказите се клучната работа којашто ја имаме, така што воопшто не е важно дали е уапсен за едно кривично дело или второ, важно е да се докаже кривичното дело и да имаме неселективна отворена борба којашто впрочем се случуваше во изминатите години. Сами бевте сведоци минатата недела на апсење на еден криминалец на една од тие структури од Грчец, којшто беше уапсен на јавно место во центарот на Скопје“,
додаде Спасовски.
Според Спасовски, борбата со криминалот во последниот период резултирала со намалување на севкупниот криминалитет во државата за 11 отсто во 2023 година, споредено со 2022 година и со зголемување на ефикасноста и откривачката дејност на полицијата за четири отсто.
„Факт е сега дека отворивме една сериозна битка којашто допринесе да ги имате најголемиот дел од тие криминални групи зад решетки, без разлика за какви кривични дела се таму. Интензивно работиме на расчистувањето на овие дела, меѓутоа важно е да се приберат доказите. Не може да правиме перцепција за расчистени кривични дела само за да се задоволи јавноста, без притоа да имаме обезбедени докази“,
нагласи министерот Спасовски.
На прашањето што е со убиствата на улица „Рузвелтова“, во скопските населби Чаир и Бутел, во „Шиша бар“, во хотелот „Александар палас“, а кои беа поврзани со истите криминални банди, Спасовски одговори дека тие се само мал процент од случаите.
„Сепак и бројот на таквите кривични дела е намален и бројот на нерасчистените е намален. Ако гледате процентуално, ќе видите колку е висок процентот на расчистување на кривичните дела. Точно е тоа што го изнесувате како факт и тие се случаите, пет, кои вие ги набројавте, во кои немаме докрај обезбедено докази за извршување на кривичните дела. Меѓутоа тоа се само пет од 128“,
вели тој.