Американскиот изборен систем е посебен, при што секоја сојузна држава во зависност од бројот на жители има одреден број тнр. електорски гласови
За победа се потребни 270 од вкупно 538 гласа во Изборниот колеџ. Има неколку клучни држави кои секогаш го одлучуваат победникот
Искуството покажало дека моменталната непопуларност на еден од кандидатите не значи дека со сигурност тој не може да добие втор мандат
Првиот вторник во ноември традиционално е денот кога на секои четири години во САД се одржуваат претседателски избори. Поради претседателскиот систем, тој што ја извршува оваа функција е кретатор на политиката и има големо влијание во општеството.
Во политичкиот систем на САД доминираат две партии, па претседателот секогаш припаѓа на една од нив. Денеска е денот Д.
Републиканци VS демократи
Републиканците ќе ги претставува актуелниот претседателски двоец Доналд Трамп и Мајк Пенс, додека демократите, ќе настапат со Џозеф Бајден и Камала Харис.
Трамп, во изминатите 4 години се покажа како еден од претседателите кои внесоа најголем раздор меѓу граѓаните во поновата историја на САД.
Тој брзо по влегувањето во Белата куќа предизвика незадоволство со потегот да забрани влез на имигрантите од муслиманските земји, но од друга страна доби пофалби за пакетот даночни намалувања, за кој многумина коментираа дека ја зајакнал американската економија.
Неговата политика „America First“ разлути многумина на меѓународната сцена, особено Кина, за која Трамп смета дека има најголема корист од неизбалансираниот светски трговски систем, и предизвика загриженост на пазарите, а неговото повлекување од Парискиот климатски договор предизвика многу гнев кај критичарите.
Многумина во текот на овие четири години, се сомневаа дали тој ќе го издржи целиот мандат – особено затоа што се соочи со импичмент поради обвинувањата дека побарал од Украина да отвори истрага за синот на неговиот ривал Бајден, а претходно се соочи и со специјална истражна постапка од Роберт Мулер за руското мешање во изборите на кои тој победи.
Мајк Пенс, во текот на мандатот беше релативно во втор план.
Џозеф Бајден ја извршуваше функцијата потпретседател во двата мандати на Барак Обама од 2009 до 2017. За свој потпретседателски кандидат ја избра сенаторката од Калифорнија, Камала Харис.
Пред да биде избран за оваа функција, тој освен што беше сенатор, беше дел од голем број преговори за буџетски и финансиски прашања во Конгресот.
Тој претходно беше номиниран двапати за претседателски кандидат во Демократската партија, во 1988 и 2008 година. Неговата одлука да се кандидира овој пат е во време кога имаше десетици потенцијални кандидати во неговата партија. Ако биде избран, тој ќе стане најстариот претседател кој ќе стапи на должност, на 78-годишна возраст.
Харис, пак, е првата жена- кандидат за потпретседател која припаѓа на друга раса.
Како и Бајден, таа припаѓа на умереното крило на партија. Таа, со 55 години, за разлика од Бајден е многу помлада.
Главни прашања
Според анкетата спроведена од Пју институтот за истражување на почетокот на август, економијата останува на првото место, како најважното прашање за гласачите, исто како и пред две години кога се одржаа избори за Конгресот на средина од претседателскиот мандат.
Но, Пју открива дека помеѓу гласачите, сепак, постои разлика зошто би излегле на гласање.
Поддржувачите на Трамп, на пример, ја оценуваат економијата како најважна, додека приврзаниците на Бајден сметаат дека здравствената заштита и одговорот на коронавирусот се најрелевантни при нивниот избор.
Исто така, расната и етничката нееднаквост предизвикуваат широк спектар на мислења, при што за 76% од најверојатните гласачи на Бајден тоа е многу важно при одлуката, во споредба со 24% од гласачите на Трамп за кои ова прашање би било одлучувачко.
Климатските промени, исто така, остануваат важни за приврзаниците на Бајден, но за поддржувачите на Трамп се речиси целосно неважни. Ова прашање е потиснато од состојбата со пандемијата од ковид-19 оваа година, додека контролата на оружјето – што беше многу битно прашање во времето на Обама – предизвикува умерена загрижност кај гласачите на двајцата кандидати.
Како се спроведува гласањето?
Двајцата кандидати се натпреваруваат за да ги освојат гласовите на т.н. Изборен колеџ, кој се состои од извесен број електорски гласови што ги има секоја сојузна држава, врз основа на бројот на жители.
Правилото е дека кој ќе освои макар еден глас повеќе, ги добива сите гласови на електорскиот колеџ (мнозински систем).
Повеќето држави се наклонети кон едната или другата партија, така што фокусот е обично на десетина држави каде што не може со сигурност, врз основа на традицијата, да се одреди за кого би гласале. Овие држави се познати како battlefield држави или држави каде ќе се кршат копјата.
Овие држави се местата каде гласачите се релативно подеднакво поделени меѓу демократите и републиканците. Традиционални одлучувачки држави се Флорида и Охајо, иако оваа година на оваа листа се додаваат и Аризона и Тексас, кои во минатото биле сигурни за републиканците, но оваа година има голем пораст во поддршката за Демократската партија.
Вкупно има 538 електорални гласаа, и за победа на еден од кандидатите му се потребни најмалку 270.
Американскиот модел покажа дека тоа што некој ќе освои победа на национално ниво (тнр. гласови од граѓаните), не значи дека на крајот ќе победи – односно ќе ги освои гласовите во Изборниот колеџ кои всушност го одредуваат победникот.
Така, можно е кандидатот да освои најмногу гласови на национално ниво – како што тоа го направи Хилари Клинтон во 2016 година – но сепак да биде поразена во Колеџот, бидејќи Трамп победи во повеќе сојузни држави и ги освои овие гласови.
Клинтон на крајот освои речиси три милиони гласови повеќе од Трамп (гласови од граѓаните), главно затоа што доби голем број гласови во силните демократски држави како Њујорк и Калифорнија, но сепак, нејзиниот ривал Трамп комотно ја победи во трката во Изборниот колеџ при што ги доби гласовите во клучните држави.
Држави со најголем број електорални гласови се Калифорнија, Тексас, Флорида, Њујорк…
Рекордна излезност во предвременото гласање
Повеќе од 96 милиони Американци веќе го дадоа својот глас на гласачките места (над 33 милиони) или по пошта (околу 63 милиони) на предвременото гласање.
Тој број претставува 65 проценти од вкупниот број гласови дадени на претседателските избори во 2016 година, кога речиси 139 милиони луѓе гласаа на претседателските избори во 2016 година со излезност од 55,5%.
Овој број е особено голем во државите Хаваи и во Тексас, во споредба со излезноста во 2016.
Ваквата состојба во голем дел се припишува на пандемијата со ковид-19.
Што покажуваат анкетите?
Од моментот кога ја објави кандидатурата, на сите национални анкети Бајден постојано води пред Трамп. Исто така, според една од последните анкети, тој има јасна предност во однос на Трамп во четири од одлучувачките држави – во Висконсин и Пенсилванија, како и во Флорида и Аризона, според анкетата што ја спроведоа Њујорк тајмс и колеџот Сиена. Особено е забележителна неговата предност во Висконсин, каде според ова истражување на јавното мислење тој има целосно мнозинство и предност од 52 наспроти 41 отсто.
Трамп, од доаѓањето на функцијата буквално се бори со популарноста, која од самиот почеток беше една од најниските во споредба со кој било друг претседател, од Втората светска војна наваму.
Иако неговиот рејтинг малку се подобри откако ја достигна најниската точка во декември 2017 година, сепак е под оној на повеќето претседатели во современата историја во истата фаза од нивниот прв мандат.
Кога ќе се знаат резултатите?
Иако изборите се одржуваат на 3 ноември, бидејќи САД опфаќаат повеќе временски зони, последните гласачки места ќе се затворат дури следниот ден.
Вообичаено, резултатот е честопати познат по излезните анкети на Западниот брег – околу 23 часот по американско време или во 4 часот наутро по средноевропско време.
Во 2016 година, Трамп излезе на сцената во Њујорк околу 3 часот по полноќ за да го одржи својот победнички говор пред неговите поддржувачи.
Но, годинава поради големиот број гласачки ливчиња кои беа испратени по пошта можеби ќе треба да се почека подолго.
Последен пат кога резултатот не беше познат подолго време беше во 2000 година, кога победникот беше потврден дури со пресуда на Врховниот суд еден месец по изборите.
Тогаш изборната трка се водеше меѓу републиканскиот кандидат Џорџ Буш (помладиот) и демократскиот кандидат Ал Гор, при што резултатот беше тесен, поради што одлучуваа гласовите во Флорида. По повеќенеделни правни битки и пребројувања, на крајот се вклучи Врховниот суд. Буш беше прогласен за победник, откако ги доби сите глаови од изборниот колеџ на Флорида о кои доби 271 од вкупно 538 електорални гласа. И тогаш Гор, како и во 2016 година Хилари Клинтон, кој освои повеќе гласови на национално ниво од Буш, но го призна поразот.
Доколку Бајден победи на изборите, тој нема веднаш да го замени Трамп, бидејќи има преоден рок, според кој новиот претседател официјално ќе положи заклетва на функцијата на 20 јануари на инаугурацијата, што се одржува на скалите на Капитол Хил во Вашингтон.
По церемонијата, новиот претседател го започнува четиригодишниот мандат.
Претседатели со два последователни мандати
Најголем дел од американските претседател особено во поновата историја, биле по два последивателни мандати во Белата куќа. Иако многумина сега сметаат дека Трамп ќе мора да си замине по само еден мандат, поради неговата слаба популарност, податоците покажуваат дека и други негови претходници имале лош рејтинг во истиот приод од вршењето на функцијата, но сепак добиле и втор мандат.
Таков е случајот со Бил Клинтон, кој на крајот од првиот мандат дури имал и полош рејтинг од овој на Трамп сега, но сепак беше реизбран.
И рејтингот на Обама во првите три години од функцијата беше во опаѓање, сè додека не започна повторно да расте пред изборите. На крајот, тој за вториот мандат освои 332 од 538 изборни гласови.
Дури и популарноста на Хари Труман била на неверојатни 33% на крајот од првиот мандат, како резултат на бранот штрајкови. Но, како што економијата и меѓународните односи добиваа на важност, неговиот рејтинг се подобруваше токму навреме за да го добие вториот мандат.
Но, тој сепак заврши како еден од најнепопуларните претседатели во историјата на САД, иако тоа беше поради други афери.
Но, ова не се само претседателски избори…
Иако целото внимание ќе биде насочено кон Трамп и Бајден, сепак на изборите гласачите ќе избираат и нови членови на Конгресот.
Конгресот е законодавно тело, преку кое поминуваат законите во САД, пред да бидат потпипшани од претседателот. Составен е од два дома – Претставничкиот дом и Сенатот. Членовите на Претставничкиот дом имаат мандат од две години, додека сенаторите шест години и се поделени во три групи, односно на секои две години се бира една третина од нив.
На овие избори ќе се бираат претставници за сите 435 места во Претставничкиот дом и за 33 места во Сенатот.
Во моментов, демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом, така што целта на овие избори е таа контрола да се задржи, а истовремено да добијат мнозинство и во Сенатот.
Доколку добијат мнозинство во двата дома, тие ќе можат да ги блокираат или да ги одложуваат плановите на претседателот Трамп доколку тој биде реизбран.