Во сојузната држава Тенеси загинаа најмалку 25 луѓе, а бројот на жртви во Орегон, каде што и натаму е во сила вонредната состојба, се искачи на 16. Во инцидент во Орегон минатата недела три лица починаа по доживеан струен удар, кога силните ветрови предизвикаа пад на далновод кој, пак, удрил во возилото во кое патувале
Во САД се регистрирани речиси 90 смртни случаи кои се поврзани со зимските бури кои ја зафатија државата изминатата недела. Најголем број од загинатите се во сојузните држави Тенеси и Орегон, а жртви се пријавени и во Илиноис, Пенсилванија, Мисисипи, Вашингтон, Кентаки, Висконсин, Њујорк, Њу Џерси и на други места.

Во Тенеси загинаа најмалку 25 луѓе, а бројот на жртви во Орегон, каде што и натаму е во сила вонредната состојба, се искачи на 16. Во инцидент во Орегон минатата недела починаа три лица по доживеан струен удар, кога силните ветрови предизвикаа пад на далновод кој, пак, удрил во возилото во кое патувале.
Во градот Сиетл за четири дена починале пет лица за кои се претпоставува дека се бездомници.
Во Мисисипи временските услови ги натераа властите да ги предупредат возачите да возат само доколку е потребно, а факултетите во оваа сојузна држава го одложија враќањето на студентите од зимскиот распуст.
Голем дел од областите во САД се соочија и со прекин на електричната енергија поради зимските временски услови, а десетици илјади луѓе ширум земјата и натаму остануваат без струја. Во Орегон тој број се искачи на 10 илјади, 8 000 во Северна Каролина, 7 000 во Калифорнија и 4 300 во Кентаки.
Ледениот бран се очекува да продолжи до средината на неделата, а потоа се очекува затоплување.