Во ВМРО-ДПМНЕ има разногласие по оваа прашање, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска зборувајќи за набавката на хеликоптерите од италијанската компанија „Леонардо“. Таа денеска во Тетово присуствуваше на презентација на воена опрема и вештини на припадниците на Армијата по повод четиригодишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата
Министерката за одбрана Славјанка Петровска од Тетово уште еднаш порача дека процедурата за набавка на осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ е согласно законската регулатива. Петровска смета дека има разногласие во опозициската ВМРО-ДПМНЕ по оваа прашање.
„Пратеникот Драган Ковачки токму на Комисијата за одбрана и безбедност јасно кажа дека иако имаат бројни прашања, тие сепак ја поддржуваат оваа иницијатива, а веќе наредниот ден пратеникот Александар Николовски од истата таа партија вели дека бара повлекување на процедурата. Процедурата апсолутно нема да биде повлечена, законот не е прекршен, таа ќе биде спроведена до крај затоа што набавуваме опрема којашто е потребна на македонската Армија и која е дел од планот за модернизација. Веројатно можеби тие планираат ако дојдат на власт овие пари да ги пренаменат повторно за некој проект од типот на ‘Скопје 2014’, меѓутоа една од причините заради која нема да дојдат на власт е токму тоа“,
изјави министерката Петровска.
Таа повтори дека набавката била почната пред неколку години, при што се поминати сите чекори кои се потребни и се согласно законската регулатива.
„Нема ништо спорно и нема ништо криминално како што се обидуваат да го извртуваат тоа, едноставно ова е дел од големиот процес на модернизација за којшто постојано зборуваме, обновување на капацитетите на македонската армија и всушност, со еден збор, би рекла – така се сака и така се цени армијата, но така се гради и одбраната во државата. Тоа што на нив им пречи инвестирањето во одбраната е сериозен проблем заради тоа што за една политичка партија која тврди дека има НАТО- и ЕУ-аспирации и особено дека го поддржува нашето членство во Алијансата, да се противи на модернизацијата во Армијата и на сè она што е позитивно, навистина според мене е недозволиво“,
посочи Петровска.
За неа изјавите дека било расфрлање и расипништво вложувањето во хеликоптерите е загрижувачко.
„Набавуваме хеликоптери кои се на западна платформа, модерни и ги имаат сите перформанси кои треба да ги поседуваат едни современи воздухоплови. Тие се одбрани, се разбира, во процедура. Јас имав презентација пред Комисијата за одбрана и безбедност, брифинг пред новинарите во Скопје, апсолутно сум подготвена, ако има некое дополнително прашање и објаснување, уште еднаш да го повториме“,
рече таа.
Министерката Петровска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Тетово присуствуваа на презентација на воена опрема и вештини на припадниците на Армијата во рамки на Отворените армиски денови што се организираат во повеќе градови низ државата по повод 4-годишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата.