Од ДИК велат дека секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба. По одлуката на Судот, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите
Коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ до Управниот суд доставиле тужба против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за парламентарните избори 2024.
Тужбата се однесува на одлуката на ДИК за гласањето во Долна Бањица, Гостиварско, пренесува МИА.
Од Управниот суд, на нивната веб-страница, преку соопштение информираат дека тужбата веќе е стигната и дека е оформен предмет.
„Синоќа во 22:33 часот, по поднесена тужба од коалицијата „Вреди“ на парламентарните избори 2024 против Одлука на Државна изборна комисија УП1 бр.10-14 од 14.05.2024 година, оформен е предмет УРП. бр. 86/2024. По поднесената тужба, Управниот суд ги презема сите процесни дејствија согласно роковите определени во Изборниот законик“,
се вели во соопштението од Управниот суд.
Крајниот рок за овој предмет, додаваат оттаму, истекува на полноќ.
Поднесување тужби до Управниот суд по одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) најавија и од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.
Претседателскиот кандидат на „Европски фронт“ и министер за надворешни работи во заминување Бујар Османи, во изјава за медиумите вчера рече дека донеле одлука да ги обжалат до Управен суд одлуките на ДИК што се однесуваат на петтата и шестата изборна единица.
Османи најави и дека ќе покренат пријави за членовите на Државната изборна комисија за, како што рече, кршење на правото на гласачите да можат да ја манифестираат сопствената волја.
Од „Европски фронт“ излегоа со став оти на членовите на ДИК им бил извршен политички притисок преку партиски инструкции во однос на приговорите, а за ова, како што рекоа, ги информирале сите надлежни институции и меѓународниот фактор.
Државната изборна комисија ќе ги чека решенијата на Управниот суд.
Државната изборна комисија на седница ги разгледуваше приговорите од партиите поднесени во врска со парламентарните избори што се одржаа на 8 мај.
До ДИК беа поднесени 27 жалби за гласањето на парламентарните избори, но дел од нив беа групни. Девет се од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.
Државната изборна комисија прифати седум приговори поднесени од политичките партии.
Според вкупно седумте прифатени приговори на ДИК за гласањето од парламентарните избори, прегласување ќе има на избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени во рамките на петтата изборна единица и на избирачкото место 2102 во Желино во изборната единица 6.
Од ДИК велат дека останатите приговори за избирачки места во Битола, Ресен, Гостивар, Долнени, Струга, Кичево, Демир Хисар, Чаир, Гази Баба, се одбиени или повлечени.
„Секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба. По одлуката на Судот, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите, односно доколку има избирачки места каде што ќе се поништи гласањето, дополнително ќе се направи симулација дали бројот на запишани гласачи во избирачките места каде што би се поништило гласањето, влијае на резултатот во распределба на мандатите“,
соопштија од Државната изборна комисија.