Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е уапсен во Турција, дознава „360 степени“. МВР закажа прес-конференција вечерва во 22:30 часот.
Палевски е осоменичен дека е организатор на грабнувањата на 14-годишната Вања и на Жежовски, како и дека е реализатор на убиствата.
Тој, според она што е досега познато од истрагата, а беше соопштено на прес-конференцијата на шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, земјава ја напуштил на 30 ноември.
Него до Белград го однел неговиот адвокат кој за ТВ Телма изјави дека не знаел дека Палевски е вмешан во двете убиства. Бил замолен од Палевски да го однесе во Белград на преглед затоа што немал автомобил и му рекол дека ако биде се во ред ќе се врати назад, ако не ќе оди за Истанбул. По ова адвоктот се вратил, а во изјавата за телевизијата рече дека дека имал добра намера да му помогне на Палевски, но дека после сѐ се чувствува злоупотребено.
Инаку, вечерва Јавното обвинителство соопшти дека уапсен 46-годишен скопјанец, кој го возел Палевски од Србија, преку Бугарија, кон Турција.
Според информациите на Обвинителството, осомничениот скопјанец го управувал возилото марка „ланд ровер“ со кое првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче на 2 декември влегол од Србија во Бугарија на Граничниот премин „Калотина“ и излегол од оваа држава на Граничниот премин „Капитан Андреево“ кон Турција.
„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). И двете регистрации се со возило марка ‘ланд ровер’, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Инаку, апсењето на Палевски доаѓа откако Министерството за внатрешни работи вчера вечерта распиша меѓународна потерница по него.
Претходно вчера, Кривичниот суд на предлог на скопското Основно јавно обвинителство, за Палевски, по итна постапка донесе наредба за спроведување истрага за кривични дела – грабнување од член 141 и убиство од член 123 од Кривичнито законик.
Телата на Вања и Панче Жежовски беа пронајдени во околината на Скопје и на Велес. Претходно, и девојчето и мажот беа пријавени за исчезнати во полиција. Според МВР и Обвинителството, тие двајца не биле поврзани, но за нивното грабнување и убиство се осомничени истите лица.
Малолетничката, според првичните сознанија кои ги изнесе МВР, била грабната од влезот во зградата во која живеела во скопски Центар рано утрината на 27 ноември. Со врзани раце и нозе била ставена во вреќа за спиење па во багажникот на возилото „ситроен“ чиј сопственик, пак, бил велешанецот Жежовски. Девојчето потоа е однесено надвор од Скопје каде што, според досегашните наоди, е убиено и закопано, а возилото е запалено.