По неуспешниот состанок црногорскиот мандатар Миодраг Лекиќ рече дека нема да има негова влада и дека за време на преговорите се обидел да создаде сериозен дијалог и атмосфера на доверба
Преговорите меѓу црногорскиот мандатар Миодраг Лекиќ и лидерите на парламентарното мнозинство за формирање влада денеска пропаднаа, бидејќи не беше постигнат договор за поделба на ресорите.
По неуспешниот состанок, на кој присуствуваа лидерот на просрпскиот Демократски фронт Андрија Мандиќ и актуелниот премиер Дритан Абазовиќ – кој траеше само два часа – Лекиќ рече дека нема да има негова влада и дека за време на преговорите се обидел да создаде сериозен дијалог и атмосфера на доверба, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
„Нема да има влада. Граѓаните нека протолкуваат кој бил сериозен, а кој не. Црна Гора е на крстопат. Ќе се израдуваат некои поразени сили од 2020 година. Тоа е исходот. Се обидов ова да биде демократско и фер кон сите. Се надевам дека Црна Гора ќе заземе насока која ќе биде рационална“,
рече Лекиќ по средбата на која требаше да се договори составот на идната Влада и датумот на одржување на седницата на Собранието на која би се избирала.
Лекиќ претходно најави дека новата влада ќе биде формирана до 20 јануари.
На 29 декември парламентарното мнозинство го прогласи Миодраг Лекиќ за мандатар, врз основа на спорните измени на Законот за претседател.
Меѓународните партнери постојано апелираа до парламентарното мнозинство да не се обидува да формира влада врз основа на Законот за претседателот и предупредија дека таквата влада ќе има сомнителен легитимитет.
Андрија Мандиќ, по неуспешната средба изјави дека партиите кои ја сочинуваат актуелната техничка влада на Дритан Абазовиќ не поднеле потписи за закажување на седницата на која би се избирала новата влада и шеф на парламентот.
„Не успеавме во она што го започнавме на 1 септември (по изборите во 2020 година). Со жалење констатирам дека вложивме многу енергија за да постигнеме договор“,
рече Мандиќ.
Тој порача дека претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ и претседателот на државата Мило Ѓукановиќ треба да се договорат за истовремено распишување претседателски и парламентарни избори.
Партиите од парламентарното мнозинство во септември ја отфрлија иницијативата на претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ за распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори со образложение дека ќе формираат нова влада.