Свеќи во чест на жртвите запалија и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, со сопругата Милена
Во Цетиње и ширум Црна Гора вечерва граѓани палеа свеќи, оддавајќи им почит на дванаесеттемина загинати во вчерашното масовно убиство во Цетиње. Кај споменикот Вила на Цетиње вечерва во 17 часот започна собирот на кој граѓани палеа свеќи и оставаа цвеќе и играчки во чест на жртвите, од кои две се деца.

Собир имаше и во Подгорица каде што неколку стотици граѓани се собраа на Плоштадот на незавосноста за да им оддадат почит на жртвите. Таму свеќи запалија и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, со сопругата Милена. Во центарот на Подгорица граѓани се потпишуваа во отворената книга на жалост.
Освен во Цетиње и во Подгорица, собири се одржаа и во Никшиќ, Плевља, Бијело Поље, Херцег Нови и други.
Од денеска до 4 јануари знамињата во Црна Гора ќе бидат спуштени на половина копје бидејќи црногорската влада прогласи тридневна жалост поради трагедијата во Цетиње.
