Израелскиот премиер, од друга страна, изразил почит за напорите на Русија кои доведоа до тоа Хамас да ослободи Израелец кој исто така има руско државјанство, а беше држен како заложник во Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска речиси еден час телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, при што го изразил своето незадоволство од „антиизраелските позиции“ заземени од претставниците на Москва во Обединетите нации (ОН). Русија ја поддржа резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа, на која САД во петокот ставија вето.

Во соопштението од неговиот кабинет, меѓу другото, се наведува дека Нетанјаху изразил остра критика и неодобрување на опасната руска соработка со Иран.
Во телефонскиот разговор Нетанјаху рекол и дека ако која било друга земја претрпела терористички напад како оној на Хамас врз Израел на 7 октомври ќе одговорела на истиот начин како Израел.
Израелскиот премиер, од друга страна, изразил почит за напорите на Русија кои доведоа до тоа Хамас да ослободи Израелец кој исто така има руско државјанство, а беше држен како заложник во Газа.
Од Кремљ, пак, соопштија дека рускиот претседател ја потврдил позицијата на отфрлање и осуда на тероризмот во сите негови форми, а оти Русија е подготвена да ја даде сета можна помош за да го олесни страдањето на цивилите и да дојде до деескалација на конфликтот.
„Исклучително е важно сузбивањето на терористичките закани да не доведе до толку тешки последици за цивилното население“,
соопшти Кремљ.
Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху ја прекинал седницата на владата на Израел за телефонски да разговара со Путин и дека разговорот траел 50 минути.