Два дена по разорниот земјотрес од 7,7 степени по Рихтер, чиј епицентар беше во Мјанмар, спасувачките екипи сѐ уште се обидуваат да најдат преживеани под урнатините
Роботи и кучиња трагачи бараат преживеани во главниот град на Тајланд, Бангкок, по траорниот земјотрес кој досега одзеде над 1 700 животи во Мјанмар и Тајланд. Градските власти на Бангкок соопштија дека првите знаци на напредок се појавуваат токму во третиот ден, а иако вчера беа откриени 15 лица под урнатини, за жал, во текот на денот дел од нив престанаа да даваат знаци на живот.
„Големиот куп урнатини во близина на урнатата повеќекатница е показател за тоа колку работа извршиле багерите во текот на ноќта. Утрово слушнавме дека спасувачите пронашле знаци на живот на едно лице под урнатините, што беше потврдено од скенери и кучиња трагачи“,
рече неименуван службеник за Би-би-си.
Согласно последните информации од властите, за исчезнати во Бангкок се водат околу 83 лица, од кои огромното мнозинство градежни работници ангажирани на градилиштата.
Утринава, нов силен земјотрес беше регистриран во Мјанмар, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки институт. Епицентарот на земјотресот со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала бил на 39 километри од Мандалеј на длабочина од десет километри.
Опозициската паралелна влада на Мјанмар, по разорниот земјотрес најави едностран двонеделен прекин на борбите против владејачката воена хунта.
„Прекинот на сите воени операции се однесува на подрачјата погодени од земјотресот“,
напиша владата на национално единство на Икс.
Според одредени медиуми, набргу по земјотресот, воената хунта продолжила да ги напаѓа бунтовничките групи. Специјалниот известувач на ОН за Мјанмар, Том Ендрјус, ја повика хунтата да ги прекине сите свои воени дејствија.
Спасувачите се во трка со времето за пронаоѓање на најмалку 139 лица кои се водат како исчезнати, а најголемите спасувачки операции се изведуваат во најпогодените градови – главниот град Нејпидо и Мандалеј. На помош пристигнаа спасувачки тимови од Кина, Индија и од други земји во соседството, но процесот на спасување е отежнат поради огромните штети што земјотресот ги предизвика на аеродромската инфраструктура во овие два града.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала вчера го погоди Мјанмар во претпладневните часови, а неколку минути подоцна следеше последователен потрес со јачина од 6,7 степени.
Земјотресот уништи згради, сруши мостови и ги закочи патиштата низ деловите на Мјанмар, а сериозни штети беа пријавени во вториот по големина град, Мандалеј.