„Во периодот што следува планираме да оспособиме најмалку четири пумпи, а потоа уште дополнителни две со што цениме дека ќе ги задоволиме потребите во најскоро време за Дојранското Езеро да го добие изгледот што го заслужува и за да го користат сите граѓани“, изјави премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше во увидот на активностите за санација на хидросистемот „Ѓавато“ од кој се полни Дојранското Езеро.
Мицкоски изјави дека по санирањето системот во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален.
„Излеговме на самата траса од хидросистемот ‘Ѓавато’ за лично да се увериме и видиме што се случувало повеќе од две децении откако е направен овој хидросистем за да направиме дијагностика по која потоа ќе постапуваме. Детектирани се места каде има пукнати цевки кои треба да ја донесат водата до базенот од каде со други пумпи водата ќе биде однесена во Дојранското Езеро“,
изјави Мицкоски.

Премиерот очекува во наредните неколку дена да бидат санирани цевководи со што ќе се зголеми количеството вода што ќе доаѓа до резервоарот од каде што со други пумпи потоа ќе биде пренасочена кон Дојранското Езеро.
„Во периодот што следува планираме да оспособиме најмалку четири пумпи, а потоа уште дополнителни две со што цениме дека ќе ги задоволиме потребите во најскоро време за Дојранското Езеро да го добие изгледот што го заслужува и за да го користат сите граѓани“,
рече тој.
Мицкоски рече дека сметката за потрошена електрична енергија на „Ѓавато“ е 2,5 милиони евра годишно. Затоа најави инсталирање соларни панели со кои, како што рече, драматично ќе се намалат трошоците.
Според заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, веќе се работи на санирање на системот за во најскоро време да се решат проблемите. Таа рече дека за овие зафати Министерството во буџетот за 2025 година има издвоено два милиони денари.
„360 степени“ во мај годинава објави сторија за (не)функционирањето на хидросистемот „Ѓавато“. Во неа објавивме дека речиси 80 отсто од првично поставениот хидросистем, кој го дополнува со вода Дојранско Езеро, е за менување. Објавивме дека треба да се менуваат бунарските пумпи т.е да се набават нови, за да се дојде до проток од најмалку 700-800 литри вода во секунда што е главен предуслов за полнење на езерото.