Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево на прес-конфрененција соопшти дека станува збор за полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани, кои со изготвување незаконски документи придонеле да се случи трагедијата во Кочани
Сите седуммина полициски службеници за кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска отвори истрага во врска со трагедијата во Кочани се спроведени во Основниот кривичен суд Скопје.

Како што потврдуваат од Кривичен, во тек е нивниот распит, по кој судија на претходна постапка треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на Обвинителството кое за сите седуммина бара да им биде ореден притвор.
Полициските службеници се спроведени на распит во скопскиот Кривичен суд бидејќи тој е единствено надлежен да постапува по предметите што ги води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Претходно денеска од ОЈО ГОКК соопштија дека полициските службеници вработени во Секторот за внатрешни работи Штип и во Полициската станица од општа надлежност во Кочани се осомничени за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Повеќе детали во врска со осомничените полицајци попладнево на прес-конференција соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој рече дека станува збор за лица кои со изготвување незаконски документи придонеле да се случи трагедијата во Кочани.
Имено, како што кажа министерот, дел од осомничените, како раководни лица, односно началници во СВР Штип, констатирале дека т.н. кабаре во Кочани, во кое загинаа 59 лица, ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќајот, со што му овозможиле да се стекне со лиценца за кабаре-клуб иако локалот не ги исполнувал условите.
„Првиот како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип и вториот како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќајот. Третиот како началник на Одделение за полиција во СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип одобриле и потпишале известување до Министерството за економија, во кои е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат и одобрат позитивната согласност за издавање лиценца за кабаре, сториле незаконитост“,
рече Тошковски.
Петтиот, пак, како документарист во ПСОН Кочани, изработил телеграма во која не навел точни и целосни податоци дека во близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела. Шестиот во својство на заменик-командир и седмиот како началник на Одделението за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир вака изготвената телеграма ја одобриле и потпишале. Со тоа, како што кажа Тошковски, тие како службени лица не постапиле согласно прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање позитивна согласност за кабарето, и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето.
Инаку, истрагата против полициските службеници се спроведува одделно од онаа во Кочани, а за која надлежно е тамошното Основно јавно обвинителство и каде во моментот постапката е во фаза на предистрага, во која засега се опфатени 18 лица.
Покрај седумтемина полициски службеници, додаде министерот, пред судија на претходна постапка треба да биде изведено уште едно лице поврзано со трагедијата во Кочани. Како што кажа, станува збор за раководно лице во Министерството за економија, во чии службени простории во Министерството вчера беа вршени претреси, а во врска со изготвување незаконски документи.