За околу 20 минути во Србија треба да почне акција со кревање врева против, како што е насловена „оние кои навиваа за короната против Србија“.
Станува збор за повик на Здружение за заштита на младите кои преку социјалните мрежи ги повикуваат граѓаните вечерва во 20:30 часот преку балконите и прозорците да излезат и, како што пишува да кажат „гласно не“.
„Кажете гласно НЕ! На тајкунските политичари, оние кои станаа милионери на сметка на граѓаните, на политичките насилници и нивните лаги, против луѓето кои навиваа за короната против Србија“,
пишува во повикот на Здружението.

Ваквиот повик следува откако три вечери по ред граѓаните во повеќе градови во Србија, после аплаузот за здравствените работници, со свиркање, трубење, тропање на тенџериња и извици го изразуваат своето негодување против власта на претседателот Александар Вучиќ.
Ваквата акција, како што ја нарекуваат, „Врева против диктатурата“, разви полемика помеѓу власта и опозицијата, а од изјавите на претставници на владејачките партии беше и најавено дека ќе се организира и некоја контра-акција.
„Ако смислата на целата ваша политика е да тропате на тенџериња, тропајте колку сакате. Но, затоа јас вечерва, бидејќи не сакам да се вратат криминалците, разбојниците и мафијата кои ја упропастија оваа држава, ќе излезам на мојата терата, фала му на Бога голема е, да пуштам нешто и да се спротивставам и ги повикувам и граѓаните,
изјави пратеникот од СНС, Владимир Џукановиќ.
Опозиционерот Борко Стефановиќ, пак, во таа полемика порача дека „тиранијата последните 8 години го покажа своето лице“, како и дека сега е потребна борба многу посилна од претходно.
*Поврзана вест: (ВИДЕО) Белград го исвирка Вучиќ